АктуелноИнтервјуЛокално

(Видео) Дениз Мустафаоглу: ЕВН врши неправедна наплата на фактурите за електрична енергија

  • Секвенци од интервјуто за МТВ1 на Дениз Мустафаогли за начинот на фактурирање на сметките на ЕВН:

Со воведувањето на блок-тарифите во јули 2022 година и пресметката на потрошувачката врз основа на предвидувања наместо редовно отчитување, граѓаните се соочуваат со финансиски загуби кои често не ги забележуваат веднаш. Овој метод, каде еден месец потрошувачката се предвидува, а наредниот се порамнува, предизвикува неточни пресметки и повисоки сметки за електрична енергија, иако реалната потрошувачка останува иста. Дури и при 10% грешка во двомесечен пресметковен период, домаќинствата плаќаат од 30 до 1300 денари повеќе. Со оглед на тоа дека постојат 915.492 броила, а ваквите грешки може да се повторат и до шест пати годишно, неправедната наплата станува значителна.

Законот за енергетика не дозволува фактурирање врз основа на предвидена потрошувачка. Сепак, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) го овозможила ова преку член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, што е регулирање на нешто што не е предвидено со закон. Дополнително, член 32 од Законот за енергетика му дава на операторот на дистрибутивната мрежа овластувања што речиси целосно оневозможуваат институционално оспорување на овие одлуки.

Проблемот е уште поголем бидејќи сите одлуки на РКЕ можат да се оспорат единствено преку управен спор, што бара судски процес и дополнителни трошоци. Ова ја отежнува правната заштита на потрошувачите и ги става во неповолна положба во однос на операторот.

Со ваквото постапување, се создаваат услови за примена на став (6) од член 19 од Законот за енергетика, кој дозволува разрешување на член или претседател на комисијата доколку несовесно или нестручно ја извршува функцијата, ги прекршува обврските за непристрасност и независност, ја злоупотребува функцијата или работи спротивно на законот.

Како резултат на оваа состојба, од 1 јули 2022 година, потрошувачите плаќаат неправедно високи сметки. При поднесување приговори, РКЕ ги одбива барањата повикувајќи се на член 31 од Правилата за снабдување.

РКЕ има законска обврска да врши надзор, да открива неправилности на енергетскиот пазар и да ги заштитува потрошувачите од злоупотреби, особено од доминантната позиција на операторот.

Таа мора да ги брани интересите на граѓаните – бидејќи никој друг нема да го направи.

A S

Aleksandar Simonov