Јованов: Мислењето на 10.000 луѓе нема никаква вредност ако немаат знаење на темата

  • Објава на социјалните мрежи на Тамара Јованов – Професорка на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“, Катедра за менаџмент.

Зошто не можам да ти коментирам, кога имам мислење!?

Вие не сакате различни мислења од вашите!

И низа други слични поплаки, кога ќе одбиеш да слушаш нечии глупости истрескани во етер.

Па, да објаснам едноставно:

Да мислиш дека мислиш и реално да имаш оформено, аргументирано, критичко мислење на тема, се две сосема различни нешта!

Имено, кај нас, за жал, сум воочила дека голем дел од луѓето си формираат ставови за се’ и сешто, без сериозно размислување на темите, неретко воопшто небазирано на факти, туку примарно на лични преференции.

Таквите ставови притоа (не се ставови ама ок), се полни со т.н. јазови во знаење, вриштат од когнитивни пристрасности и грешки, но од друга страна се исклучително цврсти субјективни ставови, кои дури и со терапија би требало време за да се освестат и менуваат.

Ова е последица на многу фактори, но за да поедноставиме, може да кажеме дека е познато како:

1. Позајмено разбирање (нешто слушнато од друг, си го препишуваме како сопсвено знаење без посериозно разбирање на темата). Пример: Лажно убедување дека се рабираме од водење бизнис, поради слушање бизнис поткасти.

2. Ефект на групно знаење (преценување на сопственото знаење, поради знаење кое е општо познато и често слушано од луѓето околу нас). Пример: Лажно убедување за високо разбирање на технологија, поради технологијата која не’ опкружува.

3. Илузија на знаење (преценување на сопственото знаење на тема, бидејќи нешто сме прочитале или слушнале од други). Пример: Лажно убедување дека знаеме повеќе од лекарите на тема лекување, оти сме гуглале на нет.

4. Данинг – кругер ефект (преценување на сопствените компетенции, поради несвесност колку всушност не знаеме нешто). Пример: Став дека абортусот треба да е забранет, оти е спротивно на избраната религија. Сите други фактори се игнорираат и не се навлегува во нивна анализа (не се разбрани).

Е сега, еве ЗОШТО НЕ ТРЕБА да се дискутира и коментира со секого за се’?

1. Ширење дезинформации. Вклучувањето во дискусија со луѓе кои самоуверено тврдат невистини им дава простор да ги шират во етерот. Пример: Сите кои протестираат се соросоиди.

2. Губење време. Некои дискусии се едноставно непродуктивни, особено ако другата страна одбива да види дека има и друга перспектива на нештата.

3. Емоционално трошење. Непродуктивни дебати неретко преминуваат во расправии, што доведува до напор, наместо учење нешто ново.

4. Данинг-Кругер ефект во акција. Луѓето со слабо знаење кои се преценуваат, не можат да водат рационална дискусија.

Затоа, наместо објаснување и непродуктивни дускусии, ПОДОБРО е да се примени следното

1. Проценка на намерите. Дали личноста е отворена за учење, или само сака да победи во расправата?

2. Препознавање на момент за кога да се повлечеме. Ако дискусијата станува непродуктивна, не вреди да се продолжи.

3. Мајефтика. Наместо дебатирање, поставување на прашања што поттикнуваат размислување. Ова, ако ептен немате ништо попаметно во моментот!

4. Избирање на битките. За субјективни мислења најчесто не вреди да се дебатира.

Да резимираме – ако видиш дека нема поим што зборува, дека е тенденциозно, дека е заслепен/а од сопственото незнаење или омраза или интереси, множи ја таа “дискусија” со нула и терај си го животот.

Оти ко што велат мудрите:

“Мислењето на 10.000 луѓе нема никаква вредност, ако немаат знаење на темата.”

Нејзиниот статус ви го презентираме во целост: