Од Кичево до ѕвездите – Мартина Димоска ја отвора вратата кон вселената
Интервју со Мартината Димоска – инспиративен приказ на млада жена која успеала да се пробие во вселенската индустрија, иако се соочува со бројни пречки и недостаток на соодветна поддршка во Македонија.
Антропол: Твоето име е синоним за истрајност и иновативност во областа на вселенските науки. Како успеа да се пробиеш во сектор што е традиционално ограничен за луѓе од помали и земји во развој?
М.Д: Немав друг избор освен да се пробијам, доколку сакав да спречам одложување на пристапот кон вселенската индустрија, а со тоа и кон иднината за новите генерации. Ова го сфатив како лична одговорност.
Меѓутоа, патот до вселенската индустрија беше долг и исполнет со предизвици, но истрајноста, жртвите и постојаната желба за учење ми помогнаа да успеам во сите полиња каде што сакав да се етаблирам. Потекнувам од Македонија, земја што нема своја вселенска агенција или развиена вселенска индустрија, а и целиот регион е минимално развиен во оваа област. Но, тоа не ме спречи да сонувам и да работам напорно за да се поврзам со меѓународната вселенска заедница.
Во моментов сум во завршната фаза од процесот за добивање на зелена карта. Бев одобрена за неа за исклучителна способност (EB-1) – истата категорија што им се доделува на добитници на Нобелова награда, олимписки шампиони, па дури и на добро познати личности како Алберт Ајнштајн. Тоа е престижна и високо селективна категорија, и ми претставува огромна чест што успеав да се квалификувам.
Вселенскиот сектор е строго регулиран за меѓународни граѓани поради ITAR (International Traffic in Arms Regulations), кој контролира извоз на технологии поврзани со одбраната, вклучувајќи многу аспекти од вселенската индустрија. Поради оваа регулација, поголемиот дел од аеронаутичките и вселенските работни места во САД се достапни само за американски државјани или носители на зелена карта. Со други зборови, некој што потекнува од Македонија, а нема соодветен статус (како резиценција – Green Card или државјанство за САД или резиденција и државјанство во некоја европска земја со пристап до ESA), не смее, ниту може да аплицира за повеќето работни позиции во оваа област.
За да го ставиме ова во перспектива, доколку ИТ професионалец се квалификува по неколку интервјуа, во големите технолошки компании, тие можат да му спонзорираат работна виза – за САД, тоа е H1B визата, на пример. По неколку години, можеби ќе му спонзорираат и Green Card. Но, никаде во вселенскиот сектор (без разлика дали станува збор за Европа и ESA, или за САД и NASA, како и за комерцијалните компании), ваква опција не постои.
Откако ќе завршат последните процедури, се надевам дека ќе можам конечно да аплицирам за посериозни улоги во вселенскиот сектор – нешто што не можев да го направам додека дејствував таму преку визи.
Мојот пробив во вселенскиот сектор започна преку волонтирање со цел да стекнам нови знаења преку директно искуство како и проактивно вложување во мојата едукација. Мојата работа како аналоген астронаут и истражувач ми помогна да стекнам признанија на глобално ниво, како што се Emerging Space Leader Award од IAF (International Astronautical Federation). Со текот на времето, докажав дека талентот, посветеноста и вистинските можности можат да ја надминат географијата, меѓутоа жртвата што ја „платив“ е над 10 години вложени само да бидам рамо до рамо со професионалци што имале многу полесен пат.
Антропол: Меѓу твоите многубројни улоги, ти си и аналоген астронаут. Што значи ова во пракса, како ваквите мисии придонесуваат за идните вселенски истражувања?
М.Д: Како аналоген астронаут, учествувам во симулации на вселенски мисии што се одвиваат во контролирани, изолирани средини, специјално дизајнирани да ги имитираат условите на Месечината, Марс или други екстремни простори. Овие мисии се од суштинско значење за идните вселенски истражувања бидејќи им овозможуваат на научниците и инженерите да тестираат нови технологии, психолошка адаптација и групна динамика во средини со ограничени ресурси.
Во рамките на овие мисии се истражуваат начини за преживување и продуктивност во вселенски бази, а особено е значајно тестирањето на технологии за одржливост, како што се рециклирање на вода и воздух, автономни системи за животна поддршка, како и адитивно производство (на пример 3D печатење) за изградба на структури на други планети.
Како инженер и истражувач, во овие мисии се фокусирам на употреба на локални ресурси (in-situ resource utilization – ISRU), нанотехнологија, нови материјали за конструкција и технологии за заштита во екстремни вселенски средини. Ваквите симулации се клучни бидејќи го намалуваат ризикот за идните астронаути и помагаат при креирање на поефикасни стратегии за долгорочни мисии.
Аналогните мисии се особено важни бидејќи претставуваат безбедна и контролирана алтернатива за тестирање пред вистинските вселенски летови. Наместо да се испраќаат астронаути директно во непредвидливи услови, каде што дури и мала грешка може да биде фатална, овие мисии ни овозможуваат да ги откриеме потенцијалните проблеми на Земјата и да најдеме решенија однапред.
Дополнително, аналогните мисии се значително поекономични во споредба со тестирања во вселената. Развивањето на технологии, оперативни процедури и психолошки стратегии во контролирана средина на Земјата помага во заштеда на ресурси и спречување на скапи грешки во вселенските мисии.
Овие мисии не се само научни експерименти – тие се основа за идните мисии што ќе го прошират човечкото присуство во вселената, со поголема безбедност, ефикасност и пониски трошоци.
Антропол: Многу млади луѓе од Македонија сонуваат за кариера во вселенската индустрија. Што би им препорачала – кои се клучните чекори за пробивање на меѓународната сцена?
М.Д: Прво, треба да се запрашаме зошто имаме толку многу талентирани и паметни Македонци, но тие не се дел од вселенскиот сектор. И зошто токму во Македонија постои мислење дека нема потреба од вселенска агенција или вселенска индустрија?
Се разбира, знам дека немаме капацитети, но токму затоа се трудам да ги изградам преку International Space Alliance (ISA) – мојата организација, која е регистрирана и во Македонија и во Калифорнија, САД. Во моментов, нудиме бесплатен курс насловен „Robotics in Space“ за 500 луѓе од Балканот. Главен носител на овој грант е мојата организација International Space Alliance (ISA), а партнери се реномирани организации: Montenegro Space Research, Beyond Orbit и Thales Alenia Space. Оваа програма е финансирана од EIT Deep Tech Talent Иницијативата на Европскиот институт за иновации и технологија (EIT) при Европската Унија.
Секој што сака да се регистрира може да го направи тоа тука, на принципот прв дојден – прв услужен: https://roboticsinspace.tech/
За младите кои сакаат да се пробијат во вселенскиот сектор, мојот совет е:
- Образование и истражување: Изберете поле што е релевантно за вселенската индустрија – инженерство на материјали, природни науки, компјутерски науки, роботика, биологија или медицина.
- Волонтирање, Меѓународни натпревари и хакатони: Волонтирајте онаму каде што имате интерес, така практично ќе научите како функционира индустријата и кои знаења ви се потребни за да станете компетентни. Учествувајте во настани како NASA Space Apps Challenge, ESA хакатони, студентски програми и проекти што ви даваат практично искуство. Овие натпревари ги реализираме и тука во Македонија, а нашата организација ISA активно објавува разновидни можности.
- Градење контакти и вмрежување: Поврзете се со луѓе од индустријата преку конференции, LinkedIn, или преку организации како SGAC (Space Generation Advisory Council).
- Стажирање и пракси: Барајте стажирања во компании што работат со вселенски технологии – дури и ако тоа не е директно во вселенски сектор, важно е да стекнете искуство што може да се пренесе.
- Иновативност и независност: Доколку немате можност да работите директно во оваа област во Македонија, креирајте свои проекти – започнете истражување, пишувајте научни трудови или развивајте технологии што може да се применат во вселенскиот сектор.
Најважно од сè: Јас не чекав државата да создаде можности, туку сама барав начини да се вклучам во глобалната вселенска заедница. Тоа им го препорачувам на сите, а доколку не се спремни на таков влог, имаат отворени врати во ISA, за волонтирање, пракса но и многу други можности.
Антропол: Спомна дека организацијата International Space Alliance (ISA), има за цел да ги направи вселенските науки подостапни за сите. Со какви конкретни проекти и иницијативи се постигнува тоа?
М.Д: Македонија располага со значителен потенцијал во вселенската индустрија, но суштинскиот предизвик останува во промената на перцепцијата дека оваа област е од маргинално значење за нас. Вселенската индустрија не е само поле за научни истражувања и технолошки иновации, туку и двигател на економски развој, индустриска модернизација и меѓународна соработка.
Досега, како држава, не сме презеле значајни чекори за интеграција во глобалниот вселенски сектор, но тоа не значи дека нема интерес, знаење или талент. Напротив, Македонија има извонредни поединци со потенцијал да дадат придонес во оваа индустрија, но без соодветни механизми за поддршка, нивните можности остануваат ограничени. За да започнеме со вистински напредок, неопходно е систематско градење на капацитети преку долгорочни инвестиции, воспоставување на образовни програми, создавање на истражувачки центри и формирање на стратешки партнерства со веќе етаблирани институции и организации од оваа сфера.
Преку International Space Alliance (ISA), се обидувам да ја направам Македонија дел од оваа глобална иницијатива, не само преку подигање на свеста, туку и преку конкретни чекори – образовни проекти, иницијативи за млади, вмрежување со водечки експерти и создавање на платформи за развој на иновации во вселенските технологии.
Антропол: И покрај твоите професионални достигнувања и натаму остануваш поврзана со Македонија. Како ја гледаш улогата на Македонија во глобалниот вселенски сектор, има ли потенцијал за развој во оваа област?
М.Д: ISA активно гради капацитети на меѓународно ниво во неразвиени региони и маргинализирани заедници, овозможувајќи пристап до едукација и професионални можности што можат да ги подготват локалните таленти за вклучување во вселенската индустрија. Иако нашиот примарен фокус е Балканот, ISA веќе е активна и во Африка, Индија, Латинска Америка, Европа и САД, демонстрирајќи дека развојот на вселенските технологии не треба да биде ограничен само на економски најмоќните држави.
Со посветеност, стратешко планирање и меѓународна соработка, Македонија може да се позиционира како регионален центар во специфични ниши на вселенската индустрија, како што се сателитските технологии, сајбер безбедноста или пак можеби адитивното производство за вселенски мисии. Можностите се многубројни. Најголемиот предизвик не е недостатокот на ресурси – туку недостатокот на визија и иницијатива за искористување на потенцијалот што веќе го поседуваме. Но, тоа може и мора да се промени.