Промоција на монографијата ,,Архитектонски елементи од Епископската базилика во Големо градиште кај Коњух, кратовско“
Монографијата ,,Архитектонски елементи од Епископската базилика во Големо градиште кај Коњух, кратовско” е четврта книга од серијата монографии во издание на Aрхеолошкиот музеј и прва за овој значаен археолошки локалитет. Во Археолошкиот музеј во Скопје утре во 12 часот ќе се одржи промоција и предавање со почеток во 10 часот. Автор на монографијата е м-р Радомир Ивановиќ, виш кустос за доцна антика во Археолошкиот музеј.
Оваа книга произлегува од истоимената магистерска теза со наслов “Architectural members of the Episcopical Basilica at Konjuh, R. Macedonia” одбранета во 2021 година на Универзитетот во Љубљана, Р. Словенија, под менторство на проф. д-р Бојан Ѓуриќ. Тезата претставува истражување на градежните работи на Епископската базилика, со фокус на архитектонските елементи од овој објект и потеклото на материјалот што се користел во изградбата.
Градот кај Големо Градиште, близу до денешното село Коњух, е еден од попознатите доцноантички центри во Република Македонија. Неговата стратегиска, природно одбранлива локација, која го вклучува високиот акропол и северната тераса опкружена со Крива Река од три страни, го направил градот многу привлечен во проблематичните времиња на доцната антика.
Во далечната 1919 година, во близина на селото Коњух селаните откриваат остатоци од црква со трапезоидна основа, која подоцна науката ќе ја идентификува како архитектонски куриозитет на Балканот – црква Ротонда, од 6 век.
Локалитетот се истражува од 1980 година до денес, со учество на голем број археолози од земјава, но и од странство. Една од долгогодишните истражувачки на Коњух, проф. д- р Каролина Снајвели од Гетисбург колеџот во Пенсилванија, САД е воедно и промоторка на оваа по многу нешта значајна монографија. Втор промотор е проф. д-р Бојан Џуриќ од Универзитетот во Љубљана.