Левица на интерпартиски Конгрес во Москва – Мултиполарниот свет станува реалност
„Обединување на младинските организации на политичките партии и нивно учество во изработката на решенија за глобалните предизвици“, беше насловен Вториот Меѓународен конгрес, во организација на Меѓународниот центар на „Рускиот универзитет за дружба на народите“ во Москва. Претставена од членот на Президиум, м-р Александар СИМОНОВ, Левица имаше активно учество во реализацијата на овој настан.
На Конгресот којшто се одржа оваа седмица, активно учество земаа над педесет политички партии со различна идеолошка проминенција од исто толку земји. Улогата на младиот човек во актуелните домашни и меѓународни теми, со посебен осврт на мултиполарниот свет, безбедносните предизвици на светската политичка сцена, но и состојбата во регионот, беа темите за кои најмногу се дискутираше.
Од страна на нашиот претставник, беше истакнато дека Левица се залага за отворена соработка со сите големи сили и членки на Советот за безбедност, без фаворизирање на односите со ниту една од страните. Градењето на новиот мултиполарен свет го гледаме како ударна тупаница против униполарниот, нео-империјалистички свет и основен супстрат, што би довел до уважување на суверенитетот, интересите и потребите на помалите држави и народи.
Од наша страна, потсетивме на антифашистичкото минато на македонскиот народ, ги истакнавме АСНОМ-ските постулати како основни принципи на нашето политичко движење. Согласно овие принципи, беа склучени повеќе договори со останатите политички партии за идна младинска соработка во насока на градење поправеден мултиполарен свет и заложба младиот човек, без никакво фаворизирање, да има еднакви шанси и можности за учество во креирањето на решенија за глобалните предизвици, се вели во соопштението на партијата.