Прва билатерлана средба по пет години на Си и Моди на самитот на БРИКС во Русија
Првата билатерална средба во последните пет години меѓу кинескиот и индискиот лидер доаѓа додека тие се обидуваат да го решат граничниот ќор-сокак.
Кинескиот претседател Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди ја одржаа својата прва билатерална средба по речиси пет години на маргините на Самитот на БРИКС во рускиот град Казан. Состанокот доаѓа неколку дена откако двата соседи објавија договор за патролирање на спорните погранични области, што беше точка на расправа откако индиските и кинеските трупи се судрија во јуни 2020 година.
За време на состанокот со Си, Моди го поздрави „договорот за целосно раздвојување и решавање на прашањата“ кои произлегуваат од 2020 година, се вели во соопштението на Њу Делхи. Индискиот лидер, исто така, ја истакна важноста на „правилно справување со разликите и споровите и да не се дозволи да го нарушат мирот и спокојството“.
Си изјави дека двете страни треба да ја зајакнат комуникацијата и соработката и правилно да управуваат со разликите и несогласувањата, пренесе новинската агенција Ксинхуа. „Во основните интереси на двете земји и народи на Кина и Индија е правилно да го сфатат трендот на историјата и насоката на развој на нивните односи“, рече Си, според кинеската државна телевизија „CCTV“.
Индискиот секретар за надворешни работи Викрам Мисри, кој ги информираше медиумите за средбата во средата, рече дека двајцата лидери се согласиле дека специјалните претставници за прашањето на границата меѓу Индија и Кина ќе се сретнат наскоро за да го „надгледуваат“ спроведувањето на најновите договори „и да истражат фер , разумно и взаемно прифатливо решение за граничното прашање“. Њу Делхи нагласи дека договорите постигнати од двата соседа „ќе создадат простор за враќање на нормализацијата на односите“.
Индискиот извештај, исто така, истакна дека „стабилните, предвидливи и пријателски билатерални односи“ меѓу двата соседа, кои се и двете најнаселени нации во светот, „ќе имаат позитивно влијание врз регионалниот и глобалниот мир и просперитет“ и ќе придонесат за „мултиполарна Азија и мултиполарен свет“.
Односот меѓу Њу Делхи и Пекинг е напнат од инцидентот во 2020 година на линијата на вистинска контрола (LAC) – спорната граница од 3.500 километри (околу 2.100 милји) – што резултираше со жртви на двете страни. Во текот на изминатите четири години, двете земји одржаа повеќе од 30 рунди разговори, вклучително и на дипломатско и на воено ниво.
Во септември, индискиот министер за надворешни работи Џаишанкар откри дека имало „извесен напредок“ во граничниот спор, при што се решени околу 75 отсто од „прашањата за раздвојување“. Сепак, тој и армиските претставници подоцна појаснија дека сè уште не е постигнат договор за распоредување на војници и оружје и за патролирање во зоната.
Њу Делхи најави пробив за последното прашање во понеделникот, во пресрет на заминувањето на Моди во Русија на самитот на БРИКС. Пекинг го потврди развојот во вторникот.
И покрај тоа што Си и Моди одржаа кратки средби на маргините на меѓународните настани во 2022 и 2023 година, нивната средба во Казан беше првиот билатерален ангажман во кој беа вклучени и нивни делегации, нагласија дипломатите.
Одговарајќи на прашање од медиумите за тоа дали изборот на Самитот на БРИКС, чиј домаќин е Русија за таков состанок, има некаква симболика, Мисри рече: „Можеме да и се заблагодариме на Русија што го обезбеди местото на одржување“.