Денес започнува фестивалот BookStar
Денес (30 септември) започнува 10 јубилејно издание на @BookStar Фестивал на европска литература. Оваа година, фестивалот ќе се одржи од 30 септември до 3 октомври на неколку локации низ Скопје, нудејќи богата програма исполнета со книги, читања и дружења со познати автори.
Mототот на фестивалот е „Метаморфози“ и е инспириран од делата на Франц Кафка, а Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје и оваа година ги поддржува книжевните преобразби што тимот на „Букстар“ ги носи во нашата средина.
– Во годината кога се навршуваат сто години од смртта на еден од најголемите автори на XX век и автор чие творештво претставува вечна инспирација за реосмислување на литературата и на човековото битие, решивме да ја вклучиме Македонија кон светскиот тренд на одбележување на оваа значајна годишнина. Особено, бидејќи и за нас 2024 е многу важна година – „BookStar“ полни десет, а „Антолог“, како организатор на Фестивалот и издавач на делата на Франц Кафка, дваесет и пет години од основањето под слоганот „25 години Антолог е класика“. Затоа, и на „BookStar“ ќе се одбележат дела кои се доволно моќни да го претворат неможното во можно, дела кои ќе го дофатат незамисливото и се напишани од автори кои лично ја доживеале метаморфозата – велат претставници на организаторот кој најави и многу тековни активности и новитети.
Како дел од програмата е и детска креативна работилница со Ана Голејшка Џикова Ana во Одделот за литература за деца (настанот е од затворен карактер);
На 1 октомври во 12 часот, ќе се одржи книжевно читање „Преобразби“ со прекрасни странски и домашни автори.
На 2 октомври, директорката на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, Снежана Стојчевска ќе учествува на конвенцијата „Книжевно отворање кон Европа“.