Ѓуровски: Замолчување пред приватниот капитал за развој на енергетиката во Република Македонија
Колумна од Игор Ѓуровски, член на Сектор Енергетика на Левица.
Во последните години сме сведоци на молк и сервилност на властите пред приватниот капитал кога станува збор за енергетското стопанство и енергетскиот развој на Република Македонија. Наместо да се залагаме за силна и стабилна државна инфраструктура во овој критичен сектор, гледаме како политичките елити дозволуваат приватните компании да го преземат водството, со минимален (читај никаков) надзор и транспарентност.
Во медиумите читаме бомбастични најави дека за да ги намалиме загубите на струја и да имаме помали сметки треба да платиме износи во милиони евра народни пари на новите газди на продадените „бомбона бизнис“ државни капацитети. ЕВН и сите мајки-ќерки-братучедки фирми за да ги намалат загубите (читај крадењето струја) во одредени делови од Македонија ќе требало да ги изнесат броилата надвор од имотите на потрошувачите, ама граѓаните да го плателе тоа. Какви се овие небулози? Ако ЕВН не е кадарна да спроведе наплата во тие делови од државата едноставно нека ги исклучи од мрежа, исто како што би направила во Скопје, Велес, Штип… кај граѓаните од „втор ред“. А политичките елити на граѓаните од „прв ред“ што ги штитат критичните региони од исклучување од мрежата на ЕВН, нека се обратат кај Анѓушев или уште подобро кај Бислимовски за да ги поврзе на новите фотонапонски централи.
Бислимовски неодамна се пофали дека во изминатите осум месеци (јануари-август) се издадени лиценци за нови фотонапонски централи за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 250 MW. Станувало збор за инвестиции кои можат да ги задоволат потребите на скоро 80 илјади домаќинства. А да не заборавиме дека во 2023 година РКЕ издаде лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 MW, додека во 2022 година се издадени лиценци за 152,2 MW. И да им се јават, џабе им е, нема да ги поврзат бесплатно, затоа што приватниот капитал е „светиња“ и не смее да се чепка, а народните пари што им се на располагање може да ги трошат како сакаат.
Она што беше некогаш гордост на државата – државните енергетски капацитети, денес е оставено на милост и немилост, додека приватниот капитал профитира од секоја дупка и недоследност во регулативата. Ова не е напредок, туку регресија! Приватниот интерес не може и не смее да биде замена за националната стратегија и енергетска независност. Замолчувањето пред оваа нова „елита“ само потврдува дека политичарите го изгубија компасот кога е во прашање јавниот интерес.
Или математички прецизно кажано, народната сопственост не смее да биде шема за брзо богатење на малкумина, додека граѓаните се соочуваат со сè поголема неизвесност и зависност од приватни монополи. Време е да се разбие молкот и да се бара враќање на државата како клучен играч во енергетиката, за да осигураме одржлива стабилна и праведна иднина за сите.
Во спротивно не само што ќе имаме хаотично неусогласена енергетска џунгла во која приватниот капитал предаторски ќе се нафрли врз потрошувачите, зголемувајќи ја енергетската сиромаштија, туку ќе имаме и нестабилна енергетска мрежа која на моменти нема ниту да може да ја прифати целата произведена струја од приватните фотоволтаични постројки.