Петров: Неолибералниот систем го уништува македонското земјоделие

Интервју со Никола Петров – координатор на земјоделски сектор при Левица и советник во општина Гевгелија

Антропол: Како ја оценувате моменталната состојба на земјоделието во Македонија и кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат земјоделците?

Н.П: Прашањето за земјоделството и воопшто производството на храна е комплексно прашање. Ние мораме да си признаеме дека имаме проблеми во овој сектор, а решавањето на проблемите бара еден поширок мултидисциплинарен пристап. Сведоци сме дека со годините се одалечивме од фундаменталната цел на земјоделството, а тоа е, производство на храна за сопствена индивидуална и колективна употреба, така што го оставивме земјоделството да егзистира стихијно, така да се изразам, без јасно дефинирана цел што, каде и колку треба да постигнеме. Ако во поранешниот социјалистички систем, по завршувањето на Втората Светска војна, властите во СФР Југославија за да го развијат овој сектор и за да го нахранат народот, почнале со правење на петгодишни планови, ние денес немаме ниту тримесечни планови. Отсуството на долгорочни и среднорочни планови за земјоделско производство е најголемиот предизвик со кој се соочуваат земјоделците, при што никој нема ниту доверба во системот ниту надеж за иднината.

Еве ќе набројам неколку примери за да биде појасно за читателите. Немање на долгорочна стратегија за менаџмент на суши, управување и достапност на водните ресурси, план за справување со невреме, град, поплави и така натаму. Сите земјоделци кога инвестираат во земјоделско производство се оставени на милост и немилост затоа што нема јасна дефинирана државна стратегија за справување со овие појави. Што ќе се случи ако на средина на сезона вие немате вода за наводнување на вашите посеви? Или пак, што ќе се случи со вашиот посев ако нема градобијна заштита при невреме со град? Дали сте спремни да ризикувате по секоја цена, и колку можете да си дозволите ризик? Друг проблем се минимално загарантираните цени. Вие знаете дека секој производ што се произведува во фабрика на пример, има цена по која се продава. Менаџментот на фабриката одредува цена на чинење на тој производ на пазарот. Исто ние имаме и регулаторна комисија која одредува цени на чинење на киловат струја, кубик вода, топлинска енергија итн. Се што излегува на пазар има одредена цена на чинење, а единствено земјоделскиот производ нема цена на чинење, односно цената на производот не е одредена од производителот туку се остава најчесто на шпекулантите и трговците. И ова е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат земјоделците, бидејќи кој сака да инвестира пари, време и труд во производство на производ за кој нема гарантирана продажна цена која ќе ги покрие нормираните трошоци на производство и ќе обезбеди пристојна заработка. Исто така и нефер субвенционирањето е причина за намалувањето на земјоделското производство од индивидуалните земјоделци.

Ако субвенциите служат како еден вид парична помош за некоја земјоделска инвестиција, за покривање на трошоците од производството додека се чекаат приходи од продажбата, при што знаеме дека кај земјоделските семејства приходот од земјоделство им е основен егзистенционален приход, е сега, каде се видело да се исплаќаат субвенции на големи земјоделски задруги, на тајкуни кои влегле во овој сектор, на олигарси, на кулаци и феудалци кои заработуваат милиони и кои имаат во посед фабрики, винарии, илјадници хектари земјиште.

Едноставно, системот ги фаворизира богатите и имотните, на тие кои имаат многу им дава уште повеќе,  наместо да ги штити тие што имаат малку или немаат ништо. И на крај, овие индивидуални семејни земјоделски стопанства кои немаат многу, треба во сопственото производство да се натпреваруваат со тие што имаат се. 

Антропол: Која е вашата позиција во однос на постојаната загуба на обработливи површини заради урбанизација, и што може да се направи за да се спречи овој тренд?

Н.П: Свесни сме дека во Република Македонија со стапувањето на неолибералниот капитализам, стапија на функција, така да кажам, и многу разно разни организирани мафии кои во содејство со политичките гарнитури на власт станаа ептен иновативни во пронаоѓањето на нови и нови извори на профитирање. Една од тие е и градежната мафија која не бира средства за остварување на целта, а тоа е зголемување на капиталот. Ние последниве години се соочуваме со бришење на обработливите плодни земјоделски површини, нивна пренамена во градежни парцели на кои никнуваат разни фотоволтаични централи, фабрики, отпади, згради итн. Република Македонија е мала држава со лимитирани површини на плодна земјоделска почва. Со овој тренд на пренамени и градежни активности на плодното земјиште ние за скоро време ќе се доведиме во ситуација да ги изгубиме најдобрите земјишта.

За да се спречи оваа појава и за да плодното земјоделско земјиште служи само и основно на намената заради која постои, а тоа е заради земјоделско производство на храна, потребни се законски измени во кој плодната почва од висока класа ќе се заштити како редок природен ресурс. Заштитена таа нема да смее да се пренаменува ниту на неа да се изведуваат градежни активности, а единствено ќе служи за земјоделско производство на храна. 

Антропол: Какви мерки предлага Левица за подобрување на условите за руралните земјоделци и како планирате да ја зголемите продуктивноста на земјоделскиот сектор?

Н.П:
Ние знаеме дека голем дел од земјоделците живеат и работат на село, односно нивните земјоделски површини се наоѓаат во близина на селата. Прашањето за модерно и развиено земјоделско производство е тесно поврзано со селанското прашање и животот на село. Сведоци сме дека за разлика од некои западноевропски земји, кај нас селата се на маргините на општеството. Политиката на развој на селото не е пропорционална со политиката на развој на градовите. Оваа појава доведе до тоа да младите луѓе ги напуштаат селата, а со тоа и нивите, и се селат во градовите каде што работат други работи. При тоа се намали населението кое се занимава со земјоделство, а со тоа и пад на целокупното земјоделско и сточарско производство. Ние во Левица го согледавме овој децениски проблем и во нашата програма предвидовме некои мерки за да ја подобриме оваа состојба. Ќе набројам мал дел од тие мерки кои ги предвидовме, а тоа е, доделување на бесплатно користење на државно земјоделско земјиште, поволни услови за набавка на земјоделска механизација и се што им е потребно на млади брачни парови кои ќе се вратат да живеат на село и да се занимаваат со земјоделство или сточарство. Потоа големи инвестиции во селата како во подобрување на инфраструктурата така и во овозможување на сите потребни работи за еден нормален и квалитетен живот на село. 

Антропол: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските земјоделци во поглед на пласманот на производите и како би се решиле овие предизвици?

Н.П: Ние како дражава не би сме имале проблем со пласман  на производите, ако приоритет на владата биде домашниот производ и нашиот земјоделец. Годишно во Македонија се увезува храна во вредност на милијарда евра, што значи ние имаме дефицит на храна, дефицит на земјоделски производи, а тој дефиците се покрива од увоз. За каков проблем со пласманот на нашите производи ние зборуваме кога сопственото домашно производство не е доволно за да не нахрани нас самите?

Овој наметнат проблем доаѓа од друга природа.
Прво, се фаворизира увоз бидејќи фирмите кои увезуваат се најчесто блиски или во сопственост на владејачите гарнитури, така што со увоз тие си праваат профити. Ако имаме доволно наше производство, тие нема да имаат потреба да увезуваат и при тоа нема да прават профити, толку е едноставно. Второ, увезената храна е најчесто поефтина од домашната.
А зошто е тоа така? Како што и кажав во претходното прашање, големите земјоделски корпорации од ЕУ или други држави, добиваат огромни суми на пари за субвенции. Износот на тие субвенции ги покрива трошоците на производство, така што од продажбата добиваат чист профит. Така тие манипулираат со цените, ги снижуваат под производствената само за да влезат на одреден пазар и со тоа му бидат нелојална конкуренција на домашното производство. Така таа увезена храна само навидум е поефтина, бидејќи долгорочно домашниот производител нема да може да го истрпи притисокот од ефтина увозна храна, при што со тек на време ќе се откаже од производство. Е тогаш, кога ќе падне домашното производство, цената на увозната храна која претходно била поефтина, нагло ќе порасне и ќе стане ептен скапа за нашиот стандард. Вака по оваа неолиберална шема се уништува домашното земјоделско производство и се трошат големи суми на девизи за увоз на храна од странство.

Антропол: Каква е вашата визија за иднината на земјоделството во Македонија? 

Н.П: Земјоделството треба да им припаѓа на земјоделците. Патот е едноставен. Како што ниту еден вистински земјоделец не се занимава со други работи како фабрики, правење на згради, банкарство, здравствени работи, така и сите други кои имаат свој бизнис треба да ги тргнат рацете од земјоделството. Ние имаме случаи каде што луѓе кои имаат по неколку бизниси, почнале да се мешаат и во земјоделството. Па бидејќи имаат врски во власта, добиле под концесија илјадници хектари земја, насаделе нешто или најчесто ништо, и редовно си добиваат стотици илјади евра субвенции. На ваквите луѓе и фирми треба да им се забрани вршење на земјоделска дејност бидејќи има за цел манипулации и шпекулации со секторот.

Инвестирање во младите луѓе, во децата уште од градинка да ја сакаат земјата, да се научат да си произведуваат сами храна, бидејќи прашањето за обезбедување храна во скора иднина ќе биде и прашање од безбедносен карактер. Државата мора да ги преземе сите неопходни мерки за да осигура самоодржливо земјоделско производство и независност од увоз на храна. Ако сами не можеме да си ја произведеме храната што ја консумираме, тогаш имаме голем проблем.