Отворена изложбата „Тела“ во Музеј на Град Скопје
Новата самостојна изложба на уметницата Лина Дамјан е поставена во Музејот на Град Скопје. Насловена „Тела“, таа претставува енергично истражување на машките и женските форми низ објективот на Дамјан.Оваа изложба навлегува во пресекот на телото, идентитетот и културата, замислувајќи го голото тело и како платно во шарениот свет на поп естетиката. Со смели бои преку графички медиум ве поканувам да го преиспитате телото не само како предмет на желба, туку како симбол на индивидуалниот и колективниот идентитет“, вели младата уметница за изложбата.
Делата се работени во поп-арт стилот со цел „да се издигне телото од обична репрезентација до главен учесник во дијалогот за културата, идентитетот и естетиката“.Машката форма на оваа изложба е прикажана со впечатлив спој на самодоверба и интроспекција. Искористени се живи, заситени бои и графички линии за да ја истакнат мускулестоста и држењето на машкото тело. Машката фигура во нијанси со висок контраст и повторувачки линии, служи и како предмет на восхит и како критика на општествените очекувања, пишува во описот за изложбата.
„Спротивно на тоа, женската форма е прикажана со разиграно, но длабоко чувство на зајакнување. Употребата на живописни палети и референци од поп културата го трансформира женското тело во симбол на сила и самоизразување. Овие слики ја реконструираат женственоста преку објективот на самодоверба и независност, славејќи ја способноста на телото да ја пренесе и моќта. Естетиката на комерцијалните мотиви служи за деконструкција и повторно составување на традиционалните претстави на женската форма“, се додава во описот.
Изложбата е отворена до 3 септември.