Левица: Винската мафија 30 години под заштита на двоецот ДПМНЕ и СДС на штета на лозарите

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вчера ги објави откупните цени на винското грозје. Двете најзастапени сорти кај нас Смедеревка и Вранец како и годините претходно се со потценувачки ниски цени за лозарите. Откупната цена на Смедеревката е 18,3 денари, а на Вранецот е 20,8 денари со вклучена 25% маржа за лозарите.

Иако премиерот Мицкоски и министерот Трипуновски летнаа во небо со кампања на сите провладини медиуми дека постигнале највисока откупна цена на винското грозје до сега, реалноста е сосема поинаква, а тоа е дека незадоволството кај лозарите е големо!

Соочени со екстремното жешкото време, недостаток на вода за наводнување на плантажите, недостигот на работна рака за берба на грозје, со овие цени на откуп и оваа година во позитива на крај ќе бидат само винариите и нивните сопственици олигарси.

Да не заборавиме дека постоечкиот закон им дозволува на олигарсите да го исплаќаат откупеното грозје дури до април следната година и тоа без никаква финансиска гаранција за исплата.

Левица, како партија на работниот народ, останува на ставот дека законите во државата и досегашните власти им служат само на олигарсите и крупните феудалци во земјоделството.

За просперитетно лозарство и задоволни лозари потребна е национализација на најголемите винарски визби, при што лозарите ќе имаат партнерски однос со винариите и ќе учествуваат во поделбата на профитот од продажбата на вината, стои во сопштението на партијата Левица.