Левица: Колку ги чинеше граѓаните театарот за фабриката со електроавтомобили?

  • Реакција на Политичката партија Левица

Компанијата за производство на електрични возила од Ахен, ,,Next.E.Go”, банкротира и, дефинитивно, оди во стечај. ,,Next.E.Go” или кај нас познати како ,,Еколог”, во сопственост на фамилијата Дестани, блиска на ДУИ, во 2022 година, заедно со раководството на двоецот СДС-ДУИ, помпезно „удрија“ камен темелник за изградба на фабрика за електромобили во Тетово.

Владата на СДС-ДУИ во тоа време одобри 130 милиони евра државна помош за оваа „инвестиција“, а во февруари годинава потпишала и анекс-договор за исплата на дополнителна државна помош.

На прашањето колкава сума народни пари исплатила Владата од Буџетот на РМ, ,,Еколог” нема одговор! Договорот со оваа компанија беше раскинат уште во март.

Политичката партија Левица и тогаш излезе со соопштение дека оваа инвестиција никогаш нема да се оствари, фабрика нема да има, а нема да има ниту вработување за деветстотини млади и стручни работници, како што власта најавуваше. Но, наместо помпезните владини најавувања, за жал, се остварија најтемните предупредувањата кои ги дадоа нашите секторски експери.

Денес сведочиме и на фактот дека иако стечајот бил најавен уште во март, сепак, властите вешто го криеле овој податок од очите на јавноста, а со цел да не си го нарушат имиџот во предизборието кое следеше, направија дополнителни штети на државата!

Со цел да се избегнат вакви несакани сценарија и состојби, Левица апелира новата влада час поскоро да изврши анализа и ревизија на целиот процес и транспарентно да излезе со информација за тоа колку оваа „инвестиција“ го чинеше буџетот на државата! Секако, ова вклучува и повик за одговорност на сите учесници кои имале директен или индиректен удел во оштетувањето на државниот буџет.