(Видео) Постојат децении кога не се случува ништо, а постојат и недели кога се случуваат децении.
- Обраќањето на Раководителот на Црвена Младина, Марио Јанески по повод 11 Октомври – Ден на востанието на Македонија, од Прилеп – градот херој.
„Денес кога сме соочени со бришењето на антифашистичкото минато, релативизирање на антифашистичката борба мораме повеќе од било кога да се сеќаваме на жртвата која беше дадена во борбата за национално и социјално ослободување.
Нападите на АСНОМ и НОБ и обидот да се цензурира храброто минато во името на некаква европска бајка се сериозен удар врз нашата државност. Од таа борба произлезе и нашата идеја за сопствена Република која е резултат на стремежот кон, пред се, економско а потоа и политичко ослободување. Резултат на угнетувањa, неправди и злосторства.
А кога зборуваме за борба, не може да не ги споменеме младите и нивната улога кои се длабоко врежани низ нашето славно минато. Борбата на младите отсекогаш била отворена и флексибилна, чувствителна на проблемите на општеството и историските задачи.
Токму затоа, на 11 Октомври во 1941 година, 16 млади храбри момчиња поделени во три групи се спремаат да започнат востание. 11 октомври не е авантуристички, терористички чин – тоа е одмерен и добро испланиран акт, по правилата и начелата за кревање востание во памфлетите на СССР.
И тука треба да го поставиме прашањето што денес бара младината во Македонија?
Младината меѓу другото денес бара произнесување на претставниците на државните и политички власти за сите проблеми на стварноста. Младината сака да ги знае вистинските причини на недостатоците и противречностите во државниот, политичкиот и општествениот живот кај нас. Со влегувањето на двата народни претставници од Левица во Собранието конечно младите добија тоа што го бараа. Процесите конечно се започнати и враќање назад нема.
Постојат децении кога не се случува ништо, а постојат и недели кога се случуваат децении. Денес сме сведоци на тие недели кога се случуваат децении, и затоа на младите на крај би им порачал дека мора да бидат бунтовници против сè што е нехумано. Да се биде млад, тоа значи да се протестира, безобѕирно да се критикува статус квото поаѓајќи од хуманите вредности. Да не бидеме индиферентни, затоа што нашата одговорност е поголема од било кога. Да бидеме смели и бестрашни. Затоа што слобода ни донесоа не оние кои беа страшливи, туку оние кои беа смели и храбри.
И ако некогаш се почувствувате обесхрабрено, немоќно, безнадежно, демотивирано, не заборавајте дека за востание, доволни се и 16тмина.”