АктуелноИнтернационално

Укинат е „Рамковниот“ – Нема позитивна дисктиминација на американските факултети

Со 6:3, американскиот Врховен суд реши дека е противуставно Универзитетите да ја земаат во обзир расата на кандидатите при упис кај нив. Тоа таму го викаат „афирмативна акција“, кај нас е познато како „позитивна дискриминација.“ Не може така, порача Врховниот.

Конкретно биле разгледувани долгогодишните уписни политики на Харвард и Универзитетот во Северна Каролина.

После минатогодишната одлука во врска со абортусот, ова е втора битна одлука на актуелниот состав на Врховниот суд кој работи со конзервативно мнозинство. Одлуката вели дека факултети можат во обзир да ја земаат и расата, но тогаш не можат да се надеваат на федерални фондови.

„Универзитетите предолго погрешно заклучуваа дека камен-темелник на идентитетот на поединецот не се вештините или научените лекции, туку бојата на нивната кожа. Нашата уставна историја тоа не го толерира“, рече главниот судија Џон Робертс.

Од Белата куќа, претседателот Џо Бајден рече дека „силно, силно“ не се согласува со пресудата на судот и ги повика колеџите да бараат други патишта до диверзитетот, наместо да дозволат пресудата „да биде последниот збор“.

Доналд Трамп одлуката ја оцени како голем ден за Америка:

„Конечно се наградени лицата со извонредни способности и сè друго неопходно за успех“.

Сосема спротивно мислење има Барак Обама велејќи дека „афирмативните акции“ им овозможиле на генерации студенти како него и Мишел да докажат дека заслужуваат перспектива.

На последното слично гласање во 2016 година судот ја подржа програмата за позитивна дискириминација при упис во Универзитетот на Тексас, заклучувајќи по трет пат дека образовната разновидност оправдува разгледување на расата како фактор во одлуките за прием во универзитетите.

Во судските тужби на активистите за фер прием од двата универзитети се вели дека водечката политика на универзитетот во Северна Каролина ги дискриминирала апликациите на белците и Азијците во корист на Афроамериканците, Јужнамериканците и домородните Американци.

Во случајот против Харвард се вели дека универзитетот вршел дискриминација против азиско-американските студени со примена на субјективни стандарди за ограничен број на примени студенти од оваа група.