Зеленски против Кличко

На веб-страницата на украинскиот претседател Володимир Зеленски се појави петиција со која се бара привремено смена на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Во документот се бара Кличко да биде сменет од функцијата додека трае предистражната постапка, која, како што се наведува, е покрената поради сомневања за злоупотреба на службената положба.

Дека Зеленски и Кличко не се во добри односи се виде кога украинскиот претседател жестоко го критикуваше градоначалникот на Киев за смртта на три лица, кои не успеаја да најдат спас од бомбардирањето бидејќи засолништата беа затворени. Зеленски го обвини Кличко и другите градски лидери за негрижа.

„Должност на локалните власти, е да се погрижат засолништата да бидат достапни 24 часа на ден. Болно е да се види небрежноста во извршувањето на оваа должност. – рече Зеленски.

Причината за конфликтот меѓу двајцата политичари е многу посложена, а Кличко е во немилост на својот шеф уште пред почетокот на воената.

Инаку Кличко, кој беше избран за градоначалник на Киев во 2014 година, сè уште важи за најсериозен политички ривал, забележува весникот „Дејли мејл“. Тој е во својата деветта година како градоначалник, и важи за еден од најистакнатите политички противници на Зеленски, а двајцата често се судираа околу политиката дури и пред почетокот на специјалната воена операција.

Градоначалникот на Киев, наводно, планира да ја оживее својата политичка партија УДАР и би можел да стане лидер на сојузот на незадоволните регионални елити, пишува овој британски весник.

Имено, градоначалникот на Киев е сојузник на поранешниот украински претседател Петро Порошенко, лидер на опозициската партија „Европска солидарност“, а двајцата, како што се верува, може сериозно да ја разанишаат фотелјата на Зеленски.

Во 2019 година, Кличко го обвини Зеленски и неговата влада за „незаконски“ обид да ги ограничат неговите овластувања како градоначалник на Киев.

Зеленски сега го контролира мнозинството од украинскиот парламент и доколку го смени Кличко од функцијата градоначалник, тоа би значело дека тој би можел да постави свој човек на чело на главниот град.