Новите археолошки истражувања на струмичките археолози на локалитетот „Свети 40 Севастиски маченици“ во Банско сведочат за средновековниот црковен живот во Македонија

По пауза од речиси четири децении струмичките археолози повторно започнаа да вршат археолошки истражувања на локалитетот „Свети 40 Севастиски маченици“ во селото Банско. Црквата посветена на Светите 40 маченици е откриена во 1984 година.

Тимот на „НУ Завод и Музеј Струмица“ го предводат археолозите Душко Цветанов и Ване Секулов.

Се работи за средновековна црква која била епископско седиште и претставува значаен културен споменик од периодот на 12 и 13 век и една од ретките во Македонија која има форма на слободен крст. Новите истражувања покажале дека веднаш до црквата постои дополнителна архитектура, но и некропола  која според гробните наоди датира од 12 и 13 век.

Сакралниот објект поседува синтронос на источната страна што упатува на заклучокот дека била епископско седиште. Во 2021 година на црквата биле извршени конзерваторски-реставраторски работи со што овој значаен споменик на културата за средновековната духовна култура на Струмица и струмичко во континуитет го добива својот заслужен третман, информираа од „НУ Завод и Музеј Струмица“.

Црквата е сместена во самото поле, на рамен терен и е оддалечена на околу еден километар и од денешното, но и од средновековно Банско. Самата локација покажува дека во минатото во овој регион се наоѓала и една од најбитните комуникации.Во средниот век во околина на село Банско имало голем број на средновековни локалитети, што значи дека имало доста активен средновековен живот. Банско се споменува често и во историските извори, исто така над селото Банско се наоѓа уште еден значаен локалитет доцноантичка тврдина Термица, спомената во историските извори од страна на Јован Скилица, и е најверојатно една од тврдините со која Цар Самуил управувал во струмичкиот регион.