Промоција на книгата „Лирски патувања“ од Сузи Тенева во КИЦ




На 30 мај (вторник) со почеток во 19 часот во Салон Империјал 2 во Културно информативниот центар – Скопје, ке се одржи  промоција на стихозбирката „Лирски патувања“ од Сузи Тенева, во издание на „ПНВ Публикации“.
Книгата ќе ја промовира д-р Наташа Аврамовска, а настанот ќе го модерира Јулијана Величковска.

Сузи Тенева е родена во Скопје. Дипломира на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Магистерските студии ги завршува на истиот институт на темата: „Кантовото разграничување меѓу убавото и возвишеното“. Докторира на Институтот за филозофија на тема: „Гадамеровата херменевтика во естетиката на XX век“. Се занимава со истражувања од областа на естетиката. Автор е на делата: „Кантовото разграничување меѓу убавото и возвишеното“ (Аз-Буки, 2011) и „Мисли и зборови“ (Антолог, 2014).
Стихувани филозофски размисли што отвораат разни прашања за животот, своевидни никулци што поттикнуваат размисли на теми како што се : љубовта, радоста, растењето и созревањето, важноста на уметноста и убавината, патувањата, умешноста во комуницирањето, моќта на зборовите, себеспознавањето и поимањето на светот околу нас.

Стихозбирка што се чита долго и бавно, со нужни паузи и со простор секој да се пронајде меѓуредовите и да ги пополни белините со своите размисли и доживувања.