Започна новата сезона на конзервација, реставрација и археолошки ископувања во Стоби

НУ Стоби започна  со единаесеттата сезона за конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на римскиот театар, како и со реализација на четвртата сезона од проектот за конзервација и реставрација на јужниот бедем и јужната порта, паралелно со конзерваторските зафати се одвиваат и археолошки ископувања.

Археолошките ископувања  југоисточно од крстилницата на Епископската базилика во 2023 год. се фокусирани на откривање на постариот објект кој се претпоставува дека е бања од 4 век, чии делови (ѕидови и инсталации за вода) подоцна се искористени во двете фази на крстилницата.

Но, најпрво се работи на откривање и документирање на  помладите стратиграфски слоеви кои датираат од крајот на живеењето на градот (доцниот 6-ти или раниот 7-ми век).

Во моментов се работи на откривање на една печка или огниште со потковичеста форма.

Античкиот град Стоби  “Stobis, vetere urbe”, како што бил нарекуван од римскиот историчар Ливиј, подигнат е на влевот на Црна Река во Вардар, и е најголемиот град во северниот дел на римската провинција Македонија, подоцна главен град на провинцијата Macedonia Secunda и значаен урбан, воен, административен, трговски и религиозен центар на две големи империи: римската и рановизантиската.  

Сместен во срцето на Македонија, на крстопатот меѓу егејскиот свет и централниот Балкан, во текот на целокупниот период од своето постоење тој претставувал средиште, во кое се слевале културните придобивки на античкиот свет. 

Денес, остатоците на овој надалеку познат археолошки локалитет се еднакво лесно пристапни од меѓународниот автопат Е-75, што го чини Стоби мошне популарна туристичка дестинација во Македонија.

Ноќната илуминација на градските ѕидини и откриените градби дополнително ја нагласуваат неговата атрактивност и убавина.