Чавушоглу: Ги одбивме барањата на САД за доставување оружје во Украина

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека САД барале од Анкара да и испрати на Украина од своите противвоздушни системи С-400, но дека Турција го одбила барањето

„Рековме не“ изјавил Чавушоглу за „Хабертурк”, додавајќи дека САД дале различни предлози во врска со системите С-400, но и дека тие предлози го засегаат турскиот суверенитет.

На прашањето за враќање на Турција на проектот на американски борбени авиони Ф-35, тој одговорил дека Турција засега не сака да се враќа на Ф-35, туку си ги бара назад своите пари.

„Тоа е затоа што произведуваме сопствени национални борбени авиони. Исто така, сакаме да ги унапредиме односите со САД и за тоа воспоставивме неопходни механизми. Меѓутоа има причина за лошите односи со САД, бидејќи организацијата ФЕТО е активна во Америка, а Вашингтон ја поддржува ПКК“, вели Чавушоглу.

Турција ги смета ПКК и ФЕТО за терористички организации.