Украина стана земја на мински полиња – последиците ќе ги почувствуваме сите

Од февруари минатата година, кога Русија ја започна Специјалната воена операција во Украина, околу 200 цивили загинаа во експлозии на мини, додека стотици други беа повредени.

Официјалните извештаи тврдат дека се минирани 250.000 квадратни километри (речиси 62 милиони хектари) украинска територија. Ова е еднакво на територијата на Велика Британија (244.000 квадратни километри). Со ова, земјата и официално стана најголемото минско поле во светот.

Експертите сметаат дека ситуацијата во Украина е полоша отколку во Авганистан и Сирија. Расфрлани се милиони неексплодирани убојни средства, противпешадиски, противтенковски и други мини и експлозивни гранати.

Во меѓувреме, минските полиња во Украина експоненцијално растат. Во изминатата година, целата линија на фронтот беше минирана од двете страни. Тие често се поставени расфрлани и без мапирање. Со оглед на големината на Украина, ова го отежнува процесот на нивно пронаоѓање и уништување. 

Највисоко ниво на опасност останува во регионот на Донбас. Територијата на Донбас е преполна со мини уште од почетокот на вооружениот конфликт во 2014 година. Рибари и деца редовно налетуваат на нив, а истата судбина ја доживуваат и собирачите на печурки во близина на Славјанск. Дел од мините беа поставени уште пред десет години. 

Деминерите на руската армија кои неутрализираат експлозивни направи сметаат дека областите ќе останат опасни за неколку генерации жители. 

Високо ниво на опасност останува долж сегашната линија на фронтот од Харков до Запорожјеската област, како и долж линијата на контакт во Керсонската област.  Колку подолго фронтот останува статичен, минираните области се шират подлабоко во внатрешноста. 

Директорот на Одделот за оружје на Хјуман Рајтс Воч, Стивен Гус, истакна дека вооружените сили на Украина ги расфрлале таканаречените „мини ливчиња“ низ огромна област во близина на градот Изум, предизвикувајќи цивилни жртви и сè уште претставуваат сериозна закана.

Минираните полиња во Украина го засегаат целиот свет

Земјоделците не можат да ги обработуваат полињата, бидејќи нагазните мини предизвикуваат сериозни проблеми за земјоделството, кое е еден од главните сектори на украинската економија. Пред избувнувањето на конфликтот, Украина сочинуваше речиси 10% од светскиот пазар на жито. Земјата исто така беше меѓу најголемите производители на сончоглед, пченка и други култури. Сега многу полиња се минирани и може да останат неискористени подолго време.

Минските полиња ќе имаат негативно влијание на производството на земјоделски производи. Голем дел од борбите се водат на таканаречена „Црна Земја“ – односно областите со најплодна почва. Ова во голема мера ќе да се ограничи земјоделскиот потенцијал на регионот и уделот на Украина на светскиот пазар не само оваа година, туку и во следните години.

Никој не може да предвиди колку време ќе биде потребно за целосно деминирање на Украина. Но, јасно е дека дури и по завршувањето на конфликтот, неговото ужасно наследство ќе остане во форма на нагазни мини и експлозивни направи расфрлани низ земјата. Во следните децении, ова несомнено ќе остане една од најголемите грижи.