Украинското жито го поткопа „единството“ во ЕУ

Голем број земји од ЕУ апелираа до Европската комисија со барање да интервенира во кризата предизвикана од приливот на жито од Украина. Според информациите што доаѓаат од Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и Словачка, проблемите се поврзани со значително зголемување на испораката на украинско жито во земјите на ЕУ, за кое нема царина, со што ги поткопува локалните пазари.

Според извештаите, словачкото Министерство за земјоделство не препорачува увоз на украинско жито откако во една од сериите пронајде пестицид, што може негативно да влијае на здравјето на луѓето.

Словачките власти ја зголемија контролата на квалитетот и транзитот на украинското жито за да го заштитат локалниот пазар. На граница сега се ставаат печати на сите пратки со жито што транзитираат во други земји преку Словачка. Во исто време, пратките наменети за Словачка се тестираат за содржината на пестициди и други штетни материи.

Во петокот Полска и Унгарија, поради протестите на локалните земјоделци, најавија прекин на увозот на украинските земјоделски производи кои влегуваат на европскиот пазар без царина, како и нивен транзит низ земјата. Ден претходно, можност за донесување слична одлука беше најавена и во Бугарија.

Европската комисија остро ги осуди овие потези. Едностраното дејствување на земјите-членки на Европската унија кога станува збор за трговијата е неприфатливо, истакна во неделата портпаролот на Европската комисија.