Денес нов протест пред Битолската болница за смртта на Јана и новороденчето

Денес во 17 часот пред Клиничката болница во Битола ќе се одржи протест поради смртта на новороденчето, кое завчера почина на Одделението за гинекологија и за 5-годишната Јана Христовска која почина на 22 март на Педијатриското одделение во Клиничката болница.

„Ќе носиме сирена, ќе ја вклучиме, а потоа ќе одадеме една минута почит за сите прерано заминати чеда, родители и пријатели и ќе си отидеме. Нека сирената ја означи алармантната состојба во Клиничката болница, а молкот нека биде за наш потсетник за тие на небесата, оти сите немо седиме и чекаме промените од небо да паднат, а не ние да ги создадеме час поскоро за да спасиме нечии живот, најави Игор Петковски, кумот на Јана и организатор на протестите.“

И покрај тоа што од смртта на Јана изминаа 22 дена се’ уште не е завршена обдукцијата, која треба да даде одговор на прашањето од што почина Јана Христовска.

Денес треба да започне вонредниот инспекциски надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) за да се утврдат причините за смртта на новороденчето, а вчера директорот на болницата д-р Александар Обедниковски најави оставка.

Инаку, ова е трет протест по смртта на Јана Христовска во Битола, која почина на 22 март.