Макрон под жестоки критики: Елисејската палата барала корекција на говорот

Францускиот претседател Емануел Макрон се најде на удар на критики од двете страни на Атлантикот откако рече дека Европа не треба да стане „вазал“ и дека мора да избегне да биде вовлечена во каков било конфликт меѓу САД и Кина околу Тајван, пишува Гардијан.

Францускиот претседател ова го изјави во интервју по тридневната официјална посета на Кина.

Макрон за „Ехо“ и „Политико“ изјави дека Европа треба да биде трета сила во светскиот поредок, по САД и Кина. Тој, исто така, оцени дека мешањето во кризата поврзана со Тајван ќе биде „стапица за Европа“ која ќе биде „вовлечена во кризи“ кои не се нејзини, што ќе ја „спречи да изгради стратешка автономија“.

Целта на разговорите во Кина беше да се „консолидираат заедничките пристапи“ во однос на војната во Украина, рече Макрон.

Политико објави дека Елисејската палата ги проверила цитатите на Макрон пред објавувањето како услов за давање интервју и инсистиралa да се отстранат деловите каде што Макрон „уште поискрено“ зборувал за Тајван и за стратешката автономија на Европа.

Американскиот републикански сенатор Марко Рубио изјави за Политико дека ако Макрон зборува за цела Европа, тогаш САД треба да размислат да ја фокусираат својата надворешна политика на Кина и да ја остават Европа да се бори сама во војната во Украина, објави Гардијан.

Волстрит журнал во уредничкиот коментар наведе дека „бескорисните коментари“ на францускиот претседател може да го поткопаат дејствувањето на САД и Јапонија против Кина во Западниот Пацифик, истовремено охрабрувајќи ги американските политичари кои сакаат да го намалат американското влијание во Европа.

Еден член на Европскиот парламент нагласи дека францускиот лидер не зборувал во име на ЕУ, туку во име на Франција. Друг членот на Европскиот парламент Рајнхард Бутикфер ја опиша посетата на Макрон на Кина како „целосна катастрофа“.

Пратеникот на германските Зелени, кој беше санкциониран од Пекинг поради неговиот став за човековите права во Ксинџијанг, исто така рече дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен има подобра визија за Европа од Макрон.

Фон дер Лајен неодамна изјави дека ЕУ треба да ги преиспита односите со кинеската влада, која, како што наведе, „ја засилила својата политика на дезинформации и економска и трговска принуда“.

Британскиот весник процени дека Макрон во Кина бил пречекан на црвен тепих и воена парада, додека Фон дер Лајен бил студено пречекан и исклучена од тие церемонии.