На враќање од Кина Макрон се просветли: Европа мора да ја намали зависноста од САД за да не стане нејзин вазал

Европа мора да ја намали својата зависност од Соединетите Американски Држави и да избегне да биде вовлечена во конфликтот за Тајван меѓу САД и Кина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за Политико.

Говорејќи пред новинарите на враќање од Кина, Макрон рече дека Европа мора да развие своја „стратешка автономија“, повторувајќи го концептот што го спомна претходно, за да стане „трета суперсила“.

Во ова, Макрон ја има целосната поддршка од Кина и нејзиниот претседател Си Џинпинг, бидејќи тамошните политичари и стратези „веруваат дека слабеењето на трансатлантскиот сојуз би го забрзало зајакнувањето на Кина“, пишува „Политико“.

„Би било парадоксално ако совладани од страв, веруваме дека сме следбеници на Америка“, рече Макрон. „Прашањето на кое Европејците мора да одговорат е дали е во наш интерес да ескалираме кризата околу Тајван? Не е. Полошо би било ако ние во Европа веруваме дека треба да ја следиме американската агенда и кинеските реакции“.

Според бриселскиот портал, Тајван бил една од главните теми на разговор меѓу Макрон и Си, а Франција зазела поумерена позиција во однос не само со САД, туку и со Европската унија.

Си одговори на тој коментар велејќи дека „секој што мисли дека може да влијае на Кина по прашањето за Тајван е во заблуда“. Макрон во голема мера се согласил со својот кинески колега, пишува Политико.

Според „Политико“, за време на заедничката средба со Фон дер Лајен и Си, Макрон зазел сличен став за прашањето за Тајван како неговиот придружник од Европската комисија, а за време на следните разговори, што биле еден на еден со неговиот кинески колега, Макрон, сепак, бил многу пофлексибилен и поотворен за позициите на Кина.

„Ако тензиите меѓу двете велесили се зголемат, нема да имаме ниту време ниту ресурси да воспоставиме стратешка автономија и ќе станеме вазали“, предупреди Макрон.

Многумина во Европа се пожалија дека Вашингтон го користи доларот како оружје, принудувајќи ги европските компании да згаснат и да ги прекинат економските врски со трети земји под закана од секундарни санкции.

Макрон, исто така, им рече на новинарите дека „веќе ја добил идеолошката борба за стратешка автономија во Европа“.