Венецијанската Комисија тврдеше дека двојазичноста ги надминува европските стандарди

Повторно стана актуелно мислењето на Венецијанската комисија, откако официјално влезе во сила двојазичноста на униформите. Уредбата за двојазичност на униформите беше воведена врз основа на таканаречениот Закон за двојазичност, за кој Комисијата оцени дека ги надминува европските стандарди, утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

На 6 декември 2019 година, Венецијанската комисија усвои мислење со кои ги повика властите на Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

Според нивното соопштение, издадено по денешниот состанок во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија тогаш оцени дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Венецијанската комисија даде неколку препораки до властите на Македонија, особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Исто така, препорачува обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба.

Што се однесува до спроведувањето на паричните санкции, правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека треба да се одложат се додека не се измени законот за да се обезбеди доволно правна јасност, да се намалат износите на казните, како и да се воведе елементот на грешка и принципот на пропорционалност.

Властите, исто така, се поканети да направат анализа за спроведувањето на законот од 2008 година и проценка за влијанието на новиот закон за јазици за буџетот и човечките ресурси.