Апасиев: Двојазични униформи се пракса само за нефункционални западнобалкански федеративни држави

Правниот тим на Левица смета дека воведувањето на двојазичните униформи во полицијата е протиуставно и остро реагира на фактот дека Уставниот суд ја игнорира инцијативата поднесена од Левица уште во ноември, минатата година. Во објавата стои дека „И покрај тоа што на 24 ноември минатата година, Левица поднесе Иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со која Владата на Република Македонија воведува двојазичност на униформите на полицијата, Уставниот суд ја игнорира истата и не постапува по неа.“

Левица од судот бараше „со Иницијативата, изрекување на времена мерка, но Уставниот суд повторно не постапува и по ова барање, па така оваа скандалозна Уредба на Владата влезе во сила!“

Истовремено реагира и лидерот, Димитар Апасиев, кој појаснува дека најголем број од државите во светот користат само еден официјален јазик на униформите. Како лош пример на држава каде има повеќе јазични униформи ја посочува Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека станува збор за нефункционална западнобалканска држава.

„Компаративно-правната анализа заклучува дека најголемата група европски и светски држави користат исклучиво САМО ЕДЕН ОФИЦИЈАЛЕН ЈАЗИК на полициските и воените униформи (пр. Албанија, Естонија, Латвија, Литванија, Португалија, Полска, Романија, Словенија, Хрватска, Франција, Шпанија и Шведска).

Во помал број земји, покрај официјалниот државен јазик се користи и АНГЛИСКИОТ, како светски lingua franca во нашево совремие (пр. Ерменија, Грузија, Грција, Унгарија и Црна Гора). Речиси единствен пример на повеќејазични униформи во разни делови се среќава само во Босна и Херцеговина – како пример на нефункционална западнобалканска федеративна држава!

Венецијанската комисија, во своето мислење наведува: „Што се однесува, пак, до службените униформи, ретко е да се најде повеќе од еден јазик на нив (без разлика дали е тоа униформи на полицијата, војската, пожарникарите или здравствените работници)“!

p.s. Целата содржина на Иницијативата на Левица против илегалните двојазични униформи можете да ја прочитате на линкот во коментар…“ – напиша Апасиев.