Студентски отпор ќе одржи протест пред МОН – Стипендиите им доцнат по шест месеци

И покрај тоа што Министерството за образование вчера им ги исплати стипендиите и парите за студентски оброк, движењето Студентски отпор нема да го менува ставот и ќе го одржи најавениот заеднички протест со средношколците во петок од 12.30 часот пред МОН.

Учениците кои го оствариле ова право во учебната 2022-2023 година, на своите сметки добија седум месечни стипендии, додека на студентите им се префрлени шест месечни стипендии, а исплатени се средствата по основ на субвенциониран студентски оброк на над 29 илјади студенти кои го имаат остварено правото во некој од изминатите месеци, соопшти МОН.

Милица Давчева од „Студентски отпор“ за медиумите изјави дека протестот и покрај ова ќе се одржи затоа што се повторува праксата да се исплаќаат парите за оброк на средина или на крај на месецот за разлика од ветувањата од Владата дека оброкот ќе се добива на секој први од месецот.

„МОН преку континуираната негрижа за студентите и почитување на законските рокови ги принудува студентите повторно со протести и радикализација да си ги бараат своите права. Не може да доцнат толку стипендиите и средствата за субвенциониран оброк да ги добиваме на крај на месецот, наместо на први.“

Во продолжение Давчева додаде дека студентите ги добиваат стипендиите по шестмесечно доцнење, а ветувањето за зголемување на истите се’ уште се нема случено.

„Стипендиите стигнаа со шестмесечно задоцнување, а ништо од ветувањето дека оние што ќе го продолжат договорот за стипендирање ќе добијат 6.000 денари наместо 3.000 денари. Нема ништо ниту од реконструкцијата на студентските домови, а се заташка и случајот со труењето на студентите во Пелагонија“ – рече Давчева од Студентски отпор.