Денес истекува рокот за промена на имињата на „бугарските културни клубови“
Денеска истекува рокот кога владината Комисија за употреба на имиња треба да донесе став и да го достави до Министерството за правда во врска со прашањето за преименување на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ од Битола, заради усогласување со измените на Законот за здруженија. Врз основа на ставот на Комисијата, министерот за правда потоа треба да донесе одлука и доколку одлуката е негативна, здружението треба да биде избришано од Централниот регистар.
Од Министерството за правда за МИА изјавија дека се очекува владината Комисија за употреба на имиња денеска да го одржи состанокот, со оглед на истекот на рокот. Во изминатиот период биле направени промени на нејзиниот состав. Комисијата ја сочинуваат пет члена од кои по еден претставник од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца, кои доаѓаат од редовите на МАНУ.
– Се очекува одлуката на Комисијата. Министерот за правда целосно ќе ја почитува, наведуваат од Министерството за правда.
Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022 година, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истекува денес на 16 февруари 2023 година. Во исчекување сме како ќе постапи владината комисија и дали ќе го спроведе законот.