Четири ненационални причини зошто не треба Македонија да го внесува бугарското малцинство во устав

  • Пишува: Кристијан Димков – член на Црвена Младина

Во очи на уште едно национално предавство каде што владата и нејзините „стратешки партнери“ ЕУ и САД по втор пат во 5 години ги убедуваат македонските граѓани дека ова е „последната пречка пред целосно да се интегрираме во европското семејство“. Се создава наратив од страна на власта дека секој што се противи на овие уставни промени е „анти еу“, „националист“ итн, бидејќи кога се дебатира на оваа тема, главно преовладуваат емоциите и согласно на тоа  испливуваат на површина ѕверствата што бугарскиот фашистички окупатор ги вршел за време на втората светска војна.

За да владините претставници не говорат за „повредување на чувствата“, (како што во последно време имаат пракса) на македонските граѓани, јас во оваа колумна ќе се осврнам на рациото и ќе наведам 4 ненационални/историски причини зошто бугарите НЕ треба да се внесуваат во уставот на Република Македонија.

1.   Одлуката го руши легитимитетот и суверенитетот на македонските граѓани

Во суштината на секоја демократија е дека легитимитетот и суверенитетот на државата припаѓа на граѓаните на Републиката. Во прости зборови тоа подразбира дека легитимитетот на владата (кој и дава право да владее) и суверенитетот (да нема право друга држава да одредува што да прави) на државата се рушат бидејќи, по сите анкети, и истражувања на јавното мислење, граѓаните се ПРОТИВ внесување на бугарското малцинство во устав и во нормална и демократска држава, тоа би било доволна причина за да не се внесат.

 2. ЕУ нас не сака да не прими

Често заборавен факт кога се дебатира на оваа тема е дека помеѓу грчкото и бугарското Вето, Македонија доби Вето за започнување на преговорите со ЕУ од страна на Франција. Ова е многу јасен знак дека ЕУ никогаш не ни имала намера да не интегрира нас во „европското семејство“ и во последниве години ја користи Бугарија и ултра-националистичките  (кои граничат на фашистички) партии во неа како параван за тоа дека големите играчи во ЕУ не сакаат да не видат нас (и цел западен Балкан во ЕУ) и да можат да ни кажат: „Еве ние сакаме да Ве примиме, ама поради Бугарија не можеме“. Германија и Франција да сакаа да не видат во ЕУ ќе најдеа начин да го тргнат Ветото од статистички најлошата членка на унијата.

3. Бугарија има територијални претензии кон Македонија

Во изминатава година дена Бугарија го покажа своето вистинско лице во однос на Македонија. Од пратеник во Бугарското собрание на говорница да изјавува дека „македонскиот јазик е бугарски“, до цела пратеничка група да држат транспаренти дека „Македонија е бугарска“. Многубројни изјави на високи претставници на Бугарија дека македонци не постојат и последно, европратеници и лидери на парламентарни партии во центарот на Скопје да скандираат дека „Македонија е Бугарска“. Се големи показатели дека Бугарија сеуште има територијални претензии кон Македонија. Каков е тој „добар сосед“ што сака да ти ја земе куќата?

4. „Немаме друга алтернатива“ 

Навидум омилениот аргумент на „ЕУ фундаменталистите“ и на владините претставници е дека, едноставно, освен ЕУ немаме друга алтернатива и што каже ЕУ ние мораме да направиме. Додека да, не е спорен фактот дека најмногу трговија имаме со земји – членки на ЕУ, нормално е дека Македонија не може и не смее да откаже соработка со нив. Но тоа не значи дека сме безалтернативни и треба да го рушиме нашиот суверенитет за да ги задоволиме великобугарските апетити поддржани од ЕУ. Според мене, најдобрата алтернатива на Македонија е со земјите од „Западен Балкан“, кои ЕУ исто така не сака да ги интегрира. Тоа значи проширување на проектот „Отворен Балкан“, да ги вклучува и Црна Гора и Босна и Херцеговина. Со тоа „Отворен Балкан“ како целина станува пазар од 15ина милиони жители, што не е за потценување, и со сериозно залагање може да стане сосема солиден играч во Европа.   

Од овие четири причини (иако има уште) може да се види дека не се само историски и национални прашања кога станува збор за противењето на македонските граѓани за внес на бугарското малцинство во македонскиот устав (кои впрочем веќе се внесени под категорија „и други“). За „бугарскиот“ проблем постојат многу причини но едно решение ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА и да и „удриме на маса“ на ЕУ, доста се зафркавате со нас, или сакате да не интегрирате или не.