Историјата се повторува – Делчев: Бугарската влада има чисти завојувачки намери спрема Македонија

Денес, од една страна се соочуваме со бугарските убедувања дека македонскиот револуционер Гоце Делчев еднакво им припаѓа и на Бугарија и на Македонија, а од друга страна стојат историските факти за заложбите и животното дело на Гоце Делчев.

За дел од конфротациите на Гоце Делчев и бугарските власти сведочат и бројни цитати и искази на револуционерот. Во изданието „Гоце Делчев“ од Христо Андонов-Полјански, Истарска наклада, објавено во Пула, 1985 година има наведено цитати од македонскиот револуционер каде јасно се потврдуваат историските факти.

Дека Гоце Делчев е еден од поборниците против соработка со бугарската страна говори говори неговото обраќање до Иван Анастасов-Грчето, 1900 година:

„Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија, ни од која и да било друга сила, туку треба да се подготвиме однатре – во душата секој селанец да се проникне под таа идеја, сè да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. Дотогаш никој однадвор да не се меша во нашата работа.“

Дали денес историјата ни се повторува, и дали нешто е променето во бугарската политика кон Македонија може да се заклучи и во извадокот од говорот на Гоце на собранието во Софија, од март 1901 година:

„Бугарската влада, којашто има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа „помош“ создадената состојба на работите внатре; таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“