ДПМНЕ и СДСМ во натпревар кој ќе поднесе повеќе тужби до советниците од Левица

Претседателот на Политичката партија Левица, минатата недела на Седницата за советнички прашања, зборуваше за притисоците кои се прават врз членовите на партијата, преку официјалните органи на власт. Еден од начините да се заплашуваат советниците на Левица е постојаното поднесување најразлични тужби, иако најчесто нема никаков основ за нив.

Најновата тужба ја доби Советникот во Општина Битола, Гаврил Трајковски кој за истата сподели на фејзбук преку текст насловен „Уште не се на власт, но праќаат тужби за клевета!“. Во прилог ви ја пренесуваме оваа објава во целост:

„Откако Левица Битола јавно ги објави огромните суми потрошени за ресторански услуги на Општина Битола, локалната власт е во паника и праќа тужби!

Уште од времето на груевизмот дпне е познато по закани, уцени и заплашување на народот посебно на партиите кои се опонент на дпне.

Матрицата не се менува. Денес до мене стигна тужба за клевета од страна на Бојкоски за објавата на Левица Битола односно дека сум ја споделил истата на мојот профил. Толку се во паника што ги користат сите ресурси за да ни наштетат како советници од опозицијата.

Малце им беа притисоците по телефон, јавни објави со лаги, сега сакаат да не притиснат со тужби!

Мојот став е јасен, ќе останам конструктивен и критички настроен кон секоја злоупотреба на општинскиот буџет, граѓаните на Општина Битола имаат право да ја знаат вистината!

Пред некое време еден новинар имаше објавено апел од членови на партијата во која членува Бојкоски, во апелот беа спомнувани низа настани. Јас не видов демант за истото.

-Дали Бојкоски со тоа потајно го признава таму напишаното?
-Дали тоа не му создаде душевна болка на Бојкоски?
-Дали Бојкоски ќе го тужи и новинарот за клевета?

Останува да видиме, a до тогаш едно ќе им кажам – Не ви се плашиме!“