Хакирана Фејсбук страната на ОБСЕ во Македонија – сега служи како виетнамски хотлајн

Само дваесетина дена откако Македонија стана претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), македонската страница на оваа меѓународна организација на Фејсбук е преземена со хакерски напад.

Имено, Фејсбук страната на Мисијата на ОБСЕ во Македонија вчера беше хакирана, па така и преименувана во „Đỗ Thị Thanh Tâm“.

Од она што може да се види, променета е профилната фотографија на страницата, како и насловната фотографија, каде стои број за кој се вели дека претставува „хотлајн“.

На страницата која има нешто повеќе од 9.600 следачи, а која е создадена во 2015 година, јасно може да се види дека била преименувана на 20 јануари. Дополнително, во делот за транспарентност на страниците на Фејсбук, може да се забележи дека страницата моментално е управувана од две локации во Виетнам.

Од ОБСЕ го потврдија случајот, поставувајќи објава во која ги предупредуваат корисниците на Фејсбук дека евентуалните пораки кои би пристигнале од неа, не се авторизирани од организацијата.