Левица – Единствен поборник во Советите за заштита на животната средина и чист воздух

  • Реакција на Левица ЛО Гази Баба

Деновиве сме сведоци на енормно аерозагадување особено на територија на општина Гази Баба која е меѓу најзагадените општини на територија на цела држава. Со самото тоа и неславни глобални лидери што е индикатор на долгогодишно расипничко „работење“ на сите локални и централни власти.

Народот негодува, хронично болни лица и деца не смеат да излезат периодов надвор од своите домови. Дури и релативно здравите лица имаат голем ризик од потенцијални здравствени последици. Покрај здравствените последици постојат и безбедносни ризици заради намалената видливост на патиштата. Би било олеснително доколку постои соодветно сообраќајно обележување и сигнализација, но жителите на оваа општина ја немаат таа среќа.

Понатаму, непријатната миризба која е константно присутна ги одвлекува граѓаните од активности надвор од своите домови освен кога се приморани. Можеби една од поентите е да се натераат граѓаните поредовно да ги посетуваат современите трговски центри чиј интерес се совпаѓа со дел „специјални“ политички елити.

Како што можете да забележите, во 2022 немаше никаков напредок во однос на аерозагадувањето. Напротив, многумина би се согласиле дека од година во година станува се полошо и граѓаните се сериозно загрижени за своето здравје. Но, со сите тие грижи и општествена одговорност земени во предвид, локалната власт на чело со градоначалникот Бобан Стефковски во буџетот за 2023 година предвидоа ПОМАЛКУ СРЕДСТВА во однос на претходниот буџет за заштита на животната средина, односно од 8.450.000 денари на 7.800.000 денари. Веројатно белите дробови на тие што го поддржаа овој буџет не се од овој свет и воопшто не ги засегаат проблемите од овој карактер.

Левица како ВИСТИНСКА опозиција беше против овој буџет, не само за оваа ставка туку и за многу други, кој е сублимат на неправилно работење додека обичниот граѓанин ги трпи истите проблеми и маки со децении. Затоа огранокот на Гази Баба ургира до градоначалникот и локалната власт УРГЕНТНО насочување на средства и капацитети во рамки на општината за намалување на аерозагадувањето и токсичниот воздух. Доста е веќе, не се дише!!!