Јанчев: ДПМНЕ и СДС се заедничка коалиција во Гевгелија

Пишува Саше Јанчев – член на Советот во Општина Гевгелија при политичката партија Левица

Народе, народе! Чујте и почујте! Директно од централа на ДПМНЕ информираат дека Левица Гевгелија е во коалиција со СДС.

Доказ за тоа, како шо пренесува Сител, е “координирана активност” преку која “не даваат подршка за изградба на Западен булевар”.

Интересен избор на зборови. А можеле наместо ‘не даваат подршка за изградба на Западе булевар’ да напишат и не даваат подршка за задолжување на Општината од милион евра (¼ од основен буџет на Гевгелија) за правење булевар на територија каде што нема никој населено, додека во исто време има населени места без улици и канализации. Пари за овој булевар нема. Мора кредит, а е фин проект за сликање и сечење ленти.

Можеле и наместо ‘координирано недавање подршка на Левица Гевгелија со СДС за милион евра кредит’, пардон, за изградба на булевар, можеле да напишат дека со глас од член на Совет кој е дел од коалицијата на СДС во Гевгелија се изгласа Општината да се задолжи милион евра за изградба на овој булевар.

Левица не даде глас за тоа задолжување, гласот дојде од коалицијата на СДС во Гевгелија, ама ќутете, од централа на ДПМНЕ велат ддека Левица е со СДС.

Но ова не е ништо ново. Уште од 2015 година СДС и ДПМНЕ се натегаат околу Левица. СДС викаат дека сме со ДПМНЕ, овие па викаат дека сме со СДС и се така си верглаат едно исто веќе седум години.

Но, дур ДПМНЕ вика дека сме со СДС, а СДС дека сме со ДПМНЕ знам дека сме на прав пат.

На прав пат и тоа во континуитет. За некоја година ќе направиме десет години како во континуитет одиме по тој пат што е незамисливо за политичка партија во Македонија. Политичките партии тука не се познати по континуитет, баш обратното, познати се по политичката релативност. Денес за едно ви викаат дека е најлошо, утре за истото, при исти услови и во случај кога им носи политички поени или власт, ве убедуваат дека е најдобро.

Единствено во што покажуваат континуитет е нивното болно властољубие во форма на антимакедонизам изразен во отворено или прикриено продавање на достоинството на македонскиот народ и секогаш отворено, со фалење, распродавање на јавниот, државен, народен имот за лични и партиски интереси.

Да не должам многу, не заборавајте! Дур ДПМНЕ викаат дека сме СДС, а СДС викаат дека сме ДПМНЕ добро е!