Симонов: Неоимперијалистички систем е уморен, себичен и не нуди ништо ново освен кризи

  • Говорот на Александат Симонов – Координатор на Левица – Сектор Надворешна политика, со кој партијата беше претставена на меѓународната  Анти-империјалистичка конференција, организирана од Светската анти-империјалистичка платформа

Крајот на Студената војна на, политички и идеолошки, обединетите балкански народи и народности им зароди конфликти водени од новите политички елити, чиј основен мотив беше присвојување на државниот капитал. Овие нови политички елити, испилени во текот на од нив создадените конфликти, под призмата на националните мотиви, целосно исклучувајќи ја народната волја, поставија капиталистички систем на управување ставен во вазалска позиција на неговите Западни основачи. Малите балкански народи, цената на ваквата демократија ја плаќаат со секоја нова политичка одлука донесена од прозападните власти, каде извршувачот на наплатата е неоимперијалистичката воена машинерија наречена НАТО.

Чинот за бомбардирање на суверена држава од воен пакт, спротивно на меѓународното право и без било какво одобрение на Советот за безбедност, останува преседан во меѓународниот поредок на чија основа се овозможува оправдување на идни вакви исти или слични постапки. Но, овде, пораката беше поинаква. Одново империјалистички расположениот Запад сакаше да ја покаже својата надмоќност над овој дел од Европа.

За Македонија како млада „демократска држава“, ова беше првото горчливо искуство од вовлекување во војна, не по сопствена волја, ѝ тоа против народ со кој Македонците заеднички живееја и со кој, во Втората светска војна обединето се бореа против фашистичкиот окупатор. Имено, тогашната Влада под закана од отворање на внатрешен воен конфликт од страна на албанските сепаратисти, овозможи непречено движење на НАТО структурите низ државната територија, кои тогаш оперираа против СР Југославија. Ваквото наметнување на туѓа волја, стварајќи огромен револт и огорченост кај македонскиот народ, заврши дури и со палење на американската амбасада од страна на демонстрантите, кои јавно, преку масовни протести се противеа на ваквата политика на новата власт.

Дваесетина години подоцна, државата одново се најде во идентична ситуација. Обидот за спроведување на референдум за зачленување на земјата во воената алијанса заврши неуспешно. Тогаш, и покрај искажаната народна волја против зачленување на државата во НАТО, Западот уште еднаш покажа дека за империјализмот не постои демократија, туку исклучително сопствени интереси. По искажани бројни евентуални безбедносни закани поради одбивање на зачленување во пактот и уценување на пратеници кои се наоѓаат под отворени кривични пријави, Собранието изгласа промена на државното име со цел зачленување на земјата во НАТО. 

Претседателот на државата лично соопшти на јавноста, непосредно пред да се случат Уставните измени за промена на државното име и зачленување на земјата во НАТО, американскиот амбасадор, Џес Бејли, лично „разговарал“ со пратениците во хотелот „Мериот“.

Денеска слободно може да се заклучи дека односот на НАТО кон Македонија е целосно вазалски, како класична империја, а Македонија во тој однос поставена како типична периферија на истата. Државата години наназад нема донесено ниту една надворешно-политичка одлука без наредба, одобрение или консултација со својот пастир. Во неоимперијалистичкиот систем, демократијата остана само привид, во кој, гарантираните права на еден народ за самоопределување, одредување на сопствениот пат и судбина, не постојат. Единствено што постои е интересот на хегемонот, кој преку процес на глобализација, спроведува изнудена западизација, потиснувајќи го демократскиот избор на цел еден народ, и на тој начин ставајќи ги сите негови ресурси во сопствена служба.

Водејќи се од сопственото искуство, целосно сме свесни за позицијата во која се наоѓаат украинскиот народ и држава. Мејдан уште еднаш покажа дека за НАТО не постои народен избор, туку сопствен интерес за пљачкосување на туѓи ресурси, а таму каде што народот е потиснат, конфликтот е неизбежен. Војната во Украина не е ништо друго освен пренесување на европско тло на пркоси војната на САД со Русија и останатите посилни држави, кои се спротивставуваат на хегемонистичките апетити на САД и НАТО и кои одбиваат да се покорат кон униполарноста која САД сака да ја задржи под било каква цена. 

Овој конфликт е далеку од војна помеѓу два славјански народи, на овој конфликт гледаме како на уште една неоимперијалистичка тенденција, која под себе сака да потчини еден народ, претворајќи го во колонија чии ресурси и човечка сила ќе им служат исклучително на императорот.

За тоа дека Западот на Украина гледа само како ресурс кој може да се искористи,  говори себичниот однос кон Украинското жито. Договорот кој предвиде житото да заврши во земјите каде е најпотребно, е уште еден злоупотребен договор, затоа што само 3% од украинското жито заврши на вистинската локација, остатокот, наместо да биде поделено кај сиромашните народи, тоа ги наполни раскошните трпези на буржоазијата во Западните земји.

На овие неколку примери слободно можеме да констатираме дека НАТО, од една страна е воен сојуз кој преку агресија, воени интервенции, државни удари и т.н.шарени револуции, освојува одредени територии, земји и народи, искористувајчи го нивниот потенцијал за своите интереси. Но, од друга страна, воениот пакт, преку интеграција на нови земји членки, постојано врши експанзија, освојува нови ресурси и пазари, инсталирајќи неолиберален економски поредок, преку кој нивните олигарси и компании евтино го откупуваат – приватизираат државниот имот, претпријатијата и компаниите во овие земји, по што овие народи ги претвораат во слуги на нивниот нов капитал.

Генерирањето на нови кризи, политички, економски или воени, се користат само за раскусурување со политичките неистомисленици, каде главната цел е доосиромашување на потчинетите народи.

Овој неолиберален економски и неоимперијалистички систем на државни политики е уморен, себичен и не нуди ништо ново освен кризи. При секоја нова криза историјата уште еднаш не учи дека најмногу страдаат обичните луѓе, сиромашните и работниците – особено ваквите класи во помалите народи.

Затоа, потребно е да создадеме нов систем на глобално управување. Обединетите нации, во сегашната форма на функционирање, ја изгубија борбата против она за што беа создадени. Владите се однесуваат со потценување кон Организацијата и носат одлуки без да ги почитуваат нивните позиции. НАТО создаде традиција на делење правда во трети земји без да прашаат никого и без да го почитуваат мислењето на Советот за безбедност. Кредибилитетот на ООН мора да биде обновен и стане безбедносен и егзистенционален гарантор за секоја држава. 

Ова е возможно единствено преку спроведување на социјализам, каде економијата и социјалната организација на државите треба да се спојат во единствен механизам за правична распределба на ресурсите, производството да биде компонента на општествениот живот, а општествениот живот мора да се организира како натпревар за создавање на материјални добра. Но пред се, како штит од распалавениот глобален хегемон, олицетворен во воениот сојуз НАТО, потребна е поблиска соработка во секоја смисла помеѓу народите врз чии плеќи е изграден и се одржува денешниот глобален капитализам и доминација на колективниот Запад.