Левица: Дали фирма еколог блиска до ДУИ ќе го ресетира рудникот на смртта?

  • Реакција на Политичката партија Левица

Дали поранешниот министер за странски инвестиции, а сега адвокат на „Еуромакс”, АРЛЕНД ЗЕКИРИ со помош на ДУИ и Владата, ќе издејствува повторно враќање на претходно одземената концесија на рудникот на смртта?

Според неофицијални информации, сопственикот на „Еколог”, ЉАЗИМ ДЕСТАНИ (кој е близок до ДУИ) се подготвува да го купи „Еуромакс”, иако рудниот е нерентабилен и со одземена концесија.

Жителите на Општинатa Босилово, кои во повеќе наврати се имаат изјаснето дека се против овој рудник на смртт, се повторно вознемирени.

Како резултат на притисоците на разни граѓански иницијативи и бројни протести на локалното население, во декември 2019 година, Владата го раскина договорот за експлоатација на рудникот со компанијата „Еуромакс ресурси”.

За енормните ризици што ги носи овој рудник говори фактот што на само десет километри од рудникот се наоѓа Моноспитовско Блато, коешто е ризница на значајни локални ендемити и ретки видови.

Но, и водните ресурси што се наоѓаат во околината на рудникот се во голема опасност. Отворањето на овој рудник ќе предизвика загадување на водите со висока концентрација на одредени тешки метали, кои се застапени во рудата и во флотациската јаловина што се добива во процесот на обработка.

Политичката партија Левица во целост ги поддржува жителите на Општина Босилово против екоцидот во најава.
Партиско-олигархиската спрега на корумпираната власт очигледно е подготвена да уништи цел земјоделски регион и да го загрози локалното население, а во интерес на профитот на бизнисите блиски до СДС и ДУИ.