Јанев: Слепилото на Јустиција

Пишува Јован Јанев – член на Црвена Младина и студент на Правниот Факултет при УГД

По изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за организиран криминал, Македонија го достигна врвот на една добра траги-комедија. Иако за многумина и не е чуден изборот со оглед на тоа дека Македонија се повеќе наликува на клиентелистички вртлог сепак, изборот на “соселанец” на неговото височество Али Ахмети е удар само кон граѓаните на Македонија и никој друг.

Доколку сметате дека во моментот на некоја од големите политички партии не и одговара ова, имам големо чувство дека се лажете самите себе. Додека најголемите олигарси ги полнат своите џебови врз секој последен природен и човеков ресурс во државата, ситуацијата секогаш за нив ќе биде во најдобар ред бидејќи моралот, чесноста и искреноста (како едни од најголемите вредности на демократијата) не можат да бидат испочитувани  од полна шака демагози.

И кога организираниот криминал во Македонија ќе биде уште поорганизиран, големите “татковци” на демократијата  во оваа држава ќе немаат грижа дали бифтекот ќе им се излади – ЗАТОА ШТО ЌЕ НЕМА КОЈ ДА ИМ ГО ОЛАДИ.

Па така единствено нешто што во овој очекуван настан е загуба, без сомневање одговорот би бил – правдата која постепено се губи (затоа што државниот интегритет, интерес, морал и сето останато веќе одамна е изгубено). 

Рецептот е лесен,  ТВОЈ ЧОВЕК ЗА ТВОЈ ИНТЕРЕС – ЧЕСЕН ЧОВЕК ЗА ИНТЕРЕС НА ПОГРЕБАЛНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ.

Е овие чесните, кои константно се борат со сите овие политички енигми најчесто се дружат со локалното погребално претпријатие – некогаш и во реалистична смисла, затоа што подобро е добро обесен отколку лошо компромисен (А и нема потреба од компромис, бидејќи компромисот е џентлменски потег)

Земајќи ја оваа саркастична бравура на политичките настани во Македонија – Јустиција (симбол на правото и правдата) е се повеќе слепа, не прогледува, а на мечот нејзин е набиен секој граѓанин, капка по капка под нејзината фигура се прави море од крв. А онаа вага што ја држи, на неа нашите “демократски татковци” го мерат опијатот кој подоцна треба да биде распродаден на младата крв.

А кога ќе прогледа Јустиција? – Ќе прогледа тогаш кога сите заедно ќе застанеме пред огледало и со свои очи ќе го погледнеме виновникот. Од кога ќе го погледнеме виновникот со сите сили е потребно да ги отвориме нашите очи бидејќи само тие можат да го вратат ВИДОТ НА ЈУСТИЦИЈА.

„Попрво би  умрел стоејќи, отколку да живеам живот на колена ” – Ернесто Че Гевара.