ЕУ ја предупреди Полска дека може да се соочи со загуба на 75 милијарди евра!

Постои можност Европската Унија да не и ги исплати 75-те милијарди евра на Полска, предвидени со договорените рамки за помош од програмите на буџетот на ЕУ за 2021-2027 година.

Во оваа насока беше и изјавата на портпаролот на ЕУ, Стефан Керсмакер, дека Полска „не ги исполнила условите“ за давање на претходно договорената и обезбедена помош од буџетските програми на Унијата.

Реферирајќи на несоодветното судство, Европската Комисија со седиште во Брисел, веќе замрзна околу 35 милијарди евра доделени на Полска од заедничкиот економски стимулативен план на ЕУ, чија цел е да им помогне на економиите да закрепнат од пандемијата COVID-19. Сега Комисијата предупреди дека речиси сите таканаречени „кохезиони фондови“ за Полска, од заедничкиот буџет на блокот за 2021-2027 година, се исто така загрозени, со оглед на тоа што Варшава не ги исполнува „демократските стандарди за независност на судството“.

Откако во 2015-тата година, во Полска власта ја презеде партијата „Право и Правда“, преку реформите во судството таа го преуреди судскиот систем, политика која наиде на критики од страна на Европската Комисија, дека владата ги суспендирала независните судии, а на нивно место постави судии кои се блиски до нејзе.

Полскиот министер за правда, Збигњев, рече дека ваквите потези на Брисел би биле „јасно незаконски“. На овој начин, додека на Полска и се ускратуваат 75 милјарди евра од заедничките програми на ЕУ, во исто време на земјата и се ветува помош од 2 милијарди евра за украинските бегалци во Полска.

Од приклучувањето кон ЕУ во 2004 година, Полска е најголемиот корисник на помошта на ЕУ. Но, во последниве години, поради евроскептичната и антигерманската реторика од владеачката партија, Варшава се повеќе доаѓа во судир со Европската унија.