Црвена Младина: Не ја исклучуваме можноста за иницирање на масовна мобилизација на студентите

Црвена Младина во своето соопштение се спротиставува на најновите најави на владата за приватизирање на студентските домови и намалувањето на стипендиите и студентскиот оброк и најавуваат дека не ја исклучуваат можноста за отпор и иницирање на масовна мобилизација на студентите.

Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

„Во услови на голема економска криза предизвикана од слабото менаџирање на неспособната коалиција на СДС и ДУИ, во која едни од најпогодените и најранливите категории се студентите, владата најави намалување и укинување на стипендиите и студентскиот оброк.

Покрај тоа, најавија и приватизирање на студентските домови кои и онака се наоѓаат во катастрофални услови, што би значело директно профитерство врз грбот на студентите – иднината на оваа држава.

Во ситуација кога високото образование доживува колапс, ваквите мерки ќе придонесат за тотално доуништување и на веќе постоечкото и би ги дестимулирале младите потенцијали и студенти да го продолжат своето образование и надоградување.

Иако многу пати досега во предизборието видовме ветувања на СДС за подобрување на студентскиот стандарт, условите и квалитетот на образованието сепак според делата се докажува дека тоа се само популистички празни флоскули.

Црвена Младина најостро ги осудува навидум овие мерки за рационализација и прашува ако навистина владата планира да ги рационализира трошоците зошто тоа не го стори најпрво со скапите бифтеци на нејзините министри?

Најавуваме дека во наредниот период бурно ќе ја следиме ситуацијата и не ја исклучуваме можноста за иницирање на масовна мобилизација на студентите, а воедно и ги повикуваме сите студенти и сите засегнати политички, аполитички, универзитетски, факултетски и невладини организации на јавно артикулирање на ваквите најави и масовен отпор во било која форма!

#NoPasaran
#ЌеПобедиме”