Октомвриските битки на македонските и албанските партизани против фашистите и балистите

  • Извадок од книгата Национализмот во(н) контекст

Четвртата Албанска бригада се формира на 26 август 1944 година во месноста „Рудина“ 150 близу Аржаново на Караорман. Всушност, тогаш Кичевско-дебарскиот партизански одред, формиран десетина дена претходно, прераснал во бригада. Бригадата дејствувала до 1945 година. Нејзин командант е Нафи Сулејмани, со потекло од битолското село Трново. Пред да се приклучи на оваа бригада, Сулејмани беше дел од одредите „Даме Груев“ и „Гоце Делчев“.

Од март 1945 година, со оваа бригада командува Чедомир Ѓукиќ. Шахин Мехмети бил избран за заменик командант. Ќемал Аголи, со потекло од Дебар, бил политички комесар, додека Џафер Кодра, исто така од Дебар, бил заменик комесар. Муртеза (Пеза) Казадеј, со потекло од Елбасан, бил задолжен за младината. Политички комесар бил и Ѓорѓи Бановиќ.

Во октомври 1944 година Четвртата Албанска бригада учествува во нападот на Кичево. Во тој момент Кичево го бранат окупаторските сили на германската војска потпомогнати од балистичките групи на Мефаил Шеху – Зајази. Со напад врз окупациските сили е ослободено селото Туин, а од таму бригадата се префрлува на Буковиќ. Во раните утрински часови Првата македонска бригада ги напаѓа непријателските позиции во Кичево.

Единиците на Џемо Хаса, коишто се упатуваат од Гостивар во Кичево за да му помогнат на Мефаил, потпомогнати од германски офицери и трупи, ги напаѓаат позициите на Четвртата Албанска бригада од две страни. Партизаните на Четвртата бригада, не познавајќи го теренот, со мали маневри сепак успеваат да се спасат од лошата ситуација во којашто се нашле. Во оваа битка Четвртата бригада имала 15 убиени и 24 ранети, додека од другата страна имало 20 убиени и 30 ранети.

Вреди да се нагласи дека во оваа битка дошло до интраетнички судир, на Албанци против Албанци. Имено, наспроти партизаните Албанци се бореле Албанци балисти и соработници со Германците. Повторно ќе кажеме, тоа прикажува различен аспект од она што денешните историчари националисти го прикажуваат, а тоа е моментот дека Албанците биле во сојуз само со Италијанците и со Германците. А тоа, пак, е момент којшто оди во прилог на зголемувањето на националистичките страсти и нуди „аргументи“ за поголема омраза.

По оваа битка, Штабот на 48 Дивизија на НОВ дава наредба за повлекување. Повлекувањето е наредено поради тоа што Првата македонска бригада не го зазеде Кичево. Четвртата бригада се упатува кон Ресен, но се стационира во селото Белчишта (Охридско).

На 18 октомври 1944 година, бригадата ја напаѓа Струга, каде во тој момент има 700 германски војници. Четвртата бригада го држи под опсада градот околу 20 дена.

По наредба на штабот на 48 Дивизија и во соработка со партизански единици од Албанија, Четвртата Албанска бригада и Првата Македонска бригада го напаѓаат Ќафасан. Граничното место Ќафасан било битно стратешко место за германските трупи.

Тоа било транзитно место преку коешто поминувале германските трупи од Албанија во правец на Струга, Охрид, Ресен, Битола. По извршената акција, која не завршува според очекувањата, Четвртата бригада се повлекува во селата Радолишта, Френгово и Заграчани. Два дена подоцна Германците го опколуваат Радолишта, по што припадниците на Четвртата бригада се повлекуваат во селото Вишња.

По нивното повлекување, Германците во Радолишта го извршуваат еден од најголемите масакри за време на Втората светска војна на територијата на Македонија – стрелаат 100 селани Албанци (стари и млади) и ги горат до темел куќите на селаните.