Вучиќ до ЕУ: Србија е независна и суверена земја која сама ги носи одлуките

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик и членот на Делегацијата на Комитетот за стабилизација и пристапување кон Европската унија на Европскиот парламент, Матјаж Немец.

За оваа средба, Вучиќ сподели дека во многу прашања за кои се дискутираше, Србија не се согласува со пратениците на Европскиот парламент.

„Имав отворен и искрен разговор со Владимир Билчик и Матјаж Немец за сите важни и тешки прашања за кои не секогаш се согласуваме, а пратениците во Европскиот парламент ме информираа за расположението во Брисел, кога е политиката во прашање на нашата земја“, рече Вучиќ.

Претседателот додаде дека нивната земја останува на европскиот пат, но, потенцираше дека Србија својот суверенитет нема да го наруши заради ЕУ-интеграциите.

„Србија останува на патот кон ЕУ, но како независна и суверена земја која сама носи одлуки во однос на своите државни и национални интереси“, истакна Вучиќ.