Златанов: Зошто се вклучив во политиката

  • Статија на Давид Златанов – член на Црвена младина за порталот „Гоце“

Давид Златанов е уште еден млад човек којшто е вклучен во политиката и заедно со негови пријатели ја формирал политичката организација „Црвена Младина“ која денес е неформална младинска организација на политичката партија Левица.

Тој од неговите 16 години организирал средношколски протести за загадувањето и застарениот образовен систем. Моментално е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.

Со голем гнев и решителност се надева дека неговото политичко делување ќе донесе промена на политичката сцена и во целото општество, дека со заеднички сили ќе се сруши комфорниот живот на корумпираните политичари кои моментално го експлоатираат македонскиот народ и дека власта ќе се врати во рацете на обичниот работник.

‚‚Главната причина поради која се вклучив во политиката, пред сѐ е срушената надеж на луѓето во државата и воопшто животот во неа. Сведоци сме како секој ден младите ја напуштаат државата, како луѓе се осудени неправедно, како мафијата се шета слободно и сите ѝ се восхитуваат, како децата ни се лечат по СМС, како луѓе се оставени на улица и милион други приказни кои ме натераа храбро и непоколебливо да застанам на страната на обесправените и слабите. Исто така, причина може да се нарече и идејата за средена држава која ќе им понуди достоинствен и нормален живот на граѓаните‘‘.

Тој се бори за промена на системот, да се изгради систем кој ќе одговара на потребите на народот. Според него, потребно е да имаме еколошко одржлив економски систем и квалитетен образовен систем кој ќе ја создаде генерацијата на промената, генерација која ќе го изгради новиот систем кој ќе се базира на социјалистички идеали.

Златанов додава дека триесет годишната клинтелистичка традиција која ја поставија најголемите политички партии ја уништија иднината на младите во нашата држава. Вели дека таа практика мора да се промени за да се создаде генерација која ќе ја изгради државата наново.

Давид Златанов за порталот goce.mk.