Битиќи: Работа има, невработените се функционално неписмени

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека поради масовното иселување од земјата се појавува празнина на пазарот на трудот и тоа е проблем на целото општество. Тој вели дека има доволно барање за работна сила, но најголем дел од невработените се функционално неписмени, односно нивните вештини не одговараат на потребите на пазарот на трудот.

Од 2011 до 2019 година од нашата држава се иселиле 700.000 наши сограѓани или скоро секој четврт си отишол од државата. Иако тој тренд се намалил во периодот на ковид и понатаму, за жал тоа претставува сериозен проблем не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политики, туку и за целото општество, бидејќи се појавува една празнина на пазарот на трудот.

Вицепремиерот Битиќи, смета дека е дојдено време да се отвори дискусија за во Македонија да се „увезуваат“ работници.

Најверојатно во креирањето на политики како општество ќе мораме да отвориме една дискусија за пополнување на пазарот на трудот, за однесување малку различно од нашето однесување досега.

Според него невработените во Македонија се функционално неписмени, затоа и се невработени.

Ако видите дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина сè уште висок, но 93,4 отсто од невработените се функционално неписмени, или тоа значи дека нивните вештини не одговараат за пазарот на трудот.

За оние кои се невработени Битиќи посочи дека треба да се освестат и да се менуваат.

И конечно мислам дека е дојдено време сите да се освестиме дека мора да се менуваме и да бидеме активни чинители на пазарот на трудот, секој колку може да придонесе.