Во обид да го доловат „американскиот сон“ – републиканците во САД искористија снимки од Русија

Републиканците од Претставничкиот дом на САД во петокот ја објавија својата агенда „Заложба за Америка“ за 2023 година – а со тоа објавија и промотивно видео исполнето со сцени претставени како исклучителни сцени од Америка, кои всушност се снимки од Русија направени од рускиот филмски режисер Серг Грбаноф.

На видеото може да се забележи сцена од платформа за дупчење која всушност е снимка од рускиот регион Волгоград, додека во позадина, нараторот го кажува следново: „Го славиме богатото наследство на американската приказна и виталноста на американскиот сон“.

Републиканците искористиле уште едно дело на Грбаноф. Имено, на друга сцена е прикажано момче кое трча насмеано со играчка, додека нараторот вели: „Слобода и потрага по среќа“ укажувајќи на Декларацијата за независност.

Во прилог се принтскринови од двете сцени од видеото на републиканците, во споредба со оригиналните снимки на веб-страната на Shutterstock:

Слично на ова, во 2020 година, беше објавено рекламно видео како дел од кампањата на тогашниот претседател Доналд Трамп преку кое се повикуваа луѓето да ги поддржат американските трупи, а во видеото беа користени фотографии од руски борбени авиони и руски модели во воени униформи.