Поранешна британска колонија најави референдум за независност по смрта на Елизабета II

Антигва и Барбуда е земја на Комонвелтот и поранешна колонија на Британската империја која ќе одржи референдум за независност. Тие сакаат смена на кралот Чарлс III од функцијата шеф на државата, најави нејзиниот премиер, јавува Мондо.

„Ова е прашање што мора да се стави на референдум за народот да одлучи“ – изјави премиерот Гастон Браун за ИТВ.

Премиерот на оваа земја референдумот за независност не го гледа како непријателски чин, туку како утврдување на сувереноста на една нација.

„Ова не е чин на непријателство или каква било разлика помеѓу Антигва и Барбуда и монархијата, но, тоа е последниот чекор за да се заврши тој круг на независност, за да потврдиме дека сме навистина суверена нација,“ – констатираше премиерот Гастон Браун.

Браун рече дека гласањето најверојатно ќе се одржи во следните три години. Кралот Чарлс III е монарх и шеф на 14 земји надвор од Велика Британија, вклучувајќи ги Антигва и Барбуда. Неговата улога е главно симболична, но, смртта на кралицата Елизабета Втора ја обнови дебатата за влијанието на британската империјална власт и идните односи помеѓу Обединетото Кралство и некои од тие земји.