Левица поднесе иницијатива за забрана на фашистичкиот центар „Ванчо Михајлов“

  • Соопштение на Политичката партија Левица

Епидемијата на неофашистички здруженија што никнуваат на територијата на Македонија под покровителство на пробугарските СДС и ДУИ, кои имаат за цел да провоцираат и промовираат фашистички и асимилаторски вредности, мора да запре!

Левица до Основното јавно обвинителство во Битола поднесе Иницијатива за забрана на работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола, повикувајќи се на член 65 од Законот за здруженија и фондации.

Во Статутот на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ Битола, донесен на Основачкото собрание на здружението, на седница одржана на 12 март 2019 година, се појаснува дека мисијата на Здружението е промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов.

Неспорно е дека на граѓаните на РМ им се гарантира слободата за здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Меѓутоа, границите на остварување на ваквата слобода ги определуваат јасни уставни и законски одредби.

Со своите програмски цели и теренски активности за промоција на идеологијата и рехабилитирање на ликот и делото на Иван Михајлов, дејствувањето на Здружението е насочено токму кон разгорување на национална омраза и нетрпеливост, преземајќи активности што се спротивни на Уставот и законите и се повредуваат слободите и правата на други лица.

Ноторен историски факт е дека според идеологијата на Иван Ванчо Михајлов, македонската нација и јазик не постојат! Здружението ја промовира ваквата идеологија за промена на националната свест на македонскиот народ и во своите простории во таа насока има поставено цитат од Иван Михајлов.

Дејствувањето на Здружението е насочено кон негирање на слободите и правата на македонскиот народ за слободно изразување на националната припадност. Дополнително, Здружението на социјалните мрежи редовно објавува написи со содржина што разгорува национална омраза.
Рехабилитацијата на ликот и делото на Иван Михалов, кој светската историографија го смета за докажан соработник на Хитлер, е рехабилитација и глорификација на фашизмот и нацизмот – потикнувајќи чувство на национална и верска омраза и нетрпеливост кон Еврејската заедница во Македонија.

Очекуваме Основниот суд по итна постапка да донесе решение со што во целост се прифаќа предлогот на Основното јавно обвинителство – Битола и се забранува работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола.