Левица: Министерката за радост наместо да цензурира – да реагира за новото нео-фашистичко здружение од Охрид

  • Реакција на Политичката партија Левица

Министерката за радост и цензура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која покажа капацитет за цензура и регулација на мислата и културното творештво на македонските уметници – очигледно, дека во својата ригорозност е селективна, бидејќи недостигот на реакција за никнувањето на низа нео-фашистички здруженија на територијата на Република Македонија тоа го покажува.

Додека пробугарскиот режим на СДС и ДУИ, со своите параполициски структури го злоставуваше народот на големиот македонски национален празник Илинден во Крушево, во Република Македонија никна уште едно нео-фашистичко здружение кое го носи името на државникот на фашистичка Бугарија. 

По отворањето на нео-фашистичкиот „културен клуб“ во Битола, кој го носи името на најголемиот крвник на македонскиот народ и фашист Ванчо Михајлов, сега во Охрид, покрај здружението „Ратко“ (едно од псевдонимите на Ванчо Михајлов), никна ново здружение, именувано како „Цар Борис III“. Овој бугарски цар, за време на Втора светска војна, ја приклучи фашистичка Бугарија кон тројниот пакт. Потоа следеше и инвазија, окупација и анектирање на Македонија, кое беше проследено со многубројни убиства и ѕверства врз недолжното македонско население и македонските партизани.

Бугарските фашистички војски на Цар Борис, придонесоа кон „конечното решение“ на Хитлер, и притоа голем број македонски Евреи беа депортирани во концентрациониот логор „Треблинка“!

Претседателот на ова нео-фашистичко здружение е извесен Томе Блажески, кој активно работел во повеќе слични здруженија кои имаат за цел да го поматат разумот на младите Охриѓани и Македонци.

Нелигитмната врховистичка влада на СДС и ДУИ врши рехабилитација и глорификација на бугарскиот фашизам – чија анти-државна концепција е опишана во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, и забележана во Уставот на Република Македонија. Преку регистрирање на овие нео-фашистички здруженија, власта испраќа сигнал до македонското население, дека заштитата на интересите на овие асимилаторски политички агенти е приоритет пред заштитата на македонската државност и анти-фашистичка историја.

Тоа што за време на прославата во Крушево на Македонците им беа одзимани транспарентите на кои се спомнува фашизмот и фашистичка Бугарија, додека на територијата на државата непрестајно никнуваат нео-фашистички здруженија од овој тип, јасно ни кажува дека пробугарската Влада има фашистичка агенда која има за цел да ја исполни во целост.