Пет месеци војна во Украина. Што понатаму?

Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Војната во Украина влегува во шестиот месец. За Русија и Украина истата се претвори во рутина, а во Европа и Светот војната во Украина се помалку е главна ударна тема. Милиони раселени бегалци и од двете страни. Но конфликтот продолжува со несмалена жестина и се претвори во позициона војна, и наликува на рововските битки од Првата Светска Војна. И двете страни се на ставот дека времето работи за нив и чекаат непријател прв да се предаде. Договорот за извоз на житото од Украина е зрак на надеж дека постои светло на крајот на тунелот. А од друга страна војната си продолжува по својот тек и се заканува да биде долготрајна и по сириско сценарио.

Војната е продолжување на политиката но со други средства. Сведоци сме на војна на сите нивоа, од реална војна на земја, па се до економска, дипломатска, трговска, идеолошка и културна војна. Војната влезе во ќорсокак, и во овој момент ниту една од двете страни нема доволно воена сила и можност за решавачка победа, а од друга страна ниту една од двете страни не е подготвена за преговори. Со исклучок на Донбас, каде што има реално движење на линијата на фронтот, на останатиот дел од фронтот главно се водат позициони битки. Продолжуваат ракетните напади од двете страни, но со огромна предност и надмоќност на Русија, плус постојаните авио ракетни напади кои што ги спроведуваат воено-воздушните сили на Русија.

Факт е дека не се остварија генералните воени планови ниту на Русија ниту на Украина (НАТО) и дека двете страни се потценија. Официјална Москва беше уверена дека може брзо да и зададе решавачки удар на украинската армија и дека истата нема да издржи долго. Плус Москва погреши во однос на воениот одговор на САД и НАТО, и на економските санкции од страна на Европа. Украина и Западот ја потценија воената моќ на Русија, како и флексибилноста на руската економија. Западот беше уверен дека како резултат на санкциите Русија и руската економија ќе крахираат за краток временски период. Но се покажа спротивното. Плус Западот беше убеден дека цел свет ќе застане зад Западот и ќе се приклучи на санкциите кон Русија, но напротив, 80% од светското население живее во држави кои што немаат намера да воведат санкции против Русија.

Погрешно беше и тврдењето за малиот и безначаен удел на руската економија во светската економија и нејзините текови. Западот тврдеше дека Русија и руската економија со своите 2% учество во светската економија не се закана за светската економија и трговија, но се покажа спротивното. Русија и руската економија имаат директен или индиректен удел во повеќе од 30% од светската трговија и економија. Како резултат на тоа сведоци сме на пад на четири европски влади, вртоглава инфлација на Запад, страв дека Европа зимата ќе остане без рускиот гас, и економиите на голем број на европски држави влегоа или влегуваат во рецесија. Во Западниот блок не постои едногласност во однос на Русија и поддршката на Украина, и се повеќе европски држави се залагаат да му се даде шанса на мирот. И Западот и Русија почнаа да ретерираат од првичните санкции и контра-санкции, и во последно време сведоци сме на разни договори за укинување или ублажување на дел од санкциите, и отстапки од двете страни. Тоа се гледа во Договорот за извоз на житарици од Украина, укинувањето на западните санкции во однос на извозот на житари, храна и земјоделско ѓубриво од Русија, укинување на блокадата на Калининград,  враќањето на турбините на Газпром, како и продолжувањето на соработката во Вселената.

Но од друга страна Западот ја зголемува воената помош за Украина и покрај предупредувањата од Европол и Интерпол дека преку црни канали дел од западното модерно оружје од Украина завршува во рацете на криминалните и терористичките групи. Западот е во исчекување на украинската офанзива на Херсон која што Киев ја најавува со месеци, со цел проценка, дали украинската армија има можност за воена победа или не. Но многумина западни воени генерали и аналитичари се скептични во однос на можноста за офанзива на Украина, и тие се плашат дека украинската армија ќе доживее фијаско и ќе се распадне фронтот на југот, и дека на тој начин за Русија ќе биде отворен патот кон Николаев, Одеса и Приднестровје.

Додека Западот ја зголемува воената помош на сите нивоа, Русија започна со отворање на воените складови и враќање во борбена употреба на огромни количини оружје и воена опрема од советскиот период, плус Русија и Иран се договорија за испорака на ирански ударно-разузнавачки дронови од разни класи и дронови камиказе за потребите на армијата на Руската Федерација. Наводно, Русија од Иран купила 300+ разни дронови. Судејќи според се, Русија се подготвува за долготрајна војна.

Се повеќе држави во Европа бараат Германија и Франција да посредуваат помеѓу Русија и Украина и да се постигне мировен договор, или прекин на огнот по примерот на Јужна и Северна Кореја. Русија има за цел до крај да ја спроведе операцијата за ставање на Донбас под своја контрола, и после победата во битката за Славјанск и Краматорск, Русија ќе излезе со предлог за мировен договор до Украина и до Западот. Доколку Украина и Западот го одбијат предлогот на Русија, најверојатно ќе бидеме сведоци на тотална војна, а политиката на Западот дека „Украина треба да победи по секоја цена“ може да го доведе светот и до нуклеарна војна, во која што нема да има победници и победени, а сите ќе бидат поразени.