Ердоган: Како Западот се однесува со Путин, така и Путин се однесува со Западот

Изминатата недела се случија неколку мултилатерални средби на кои заедно учествуваа Русија и Турција. Првата ваква средба беше со ИР Иран каде беа донесени важни одлуки за безбедносната ситуација на блискиот исток, пред се Сирија, а во втората, Турција имаше улога на домаќин и посредник во преговорите помеѓу Русија и Украина, каде беше договорен извозот на жито.

По овие средби, за турската национална телевизија, Ердоган го прокоментира односот кон Путин, што можеше да биде разбран од повеќе аспекти, но, истакна дека Турција има важна улога во односот помеѓу Путин и Зеленски и додаде дека тие гледаат пријателски кон двете страни.

Средбата со Путин беше поинаква. Сега играме многу важна улога во односот меѓу Путин и Зеленски. Никого не гледаме како непријател. Ги набљудуваме со пријателски очи и на тој начин нашиот став влијае на вистински искрен пристап на двете страни.

Турскиот претседател ги прокоментира и односите помеѓу Русија и земјите од Западот, за што констатираше дека односот на западот кон Русија не е соодветен.

Згора на тоа, како што знаете за господинот Путин, пристапот на Западот во моментов не е соодветен, тоа не е пристап што е карактеристичен за политичарите. Односот што го имате кон него е она што ќе го добиете за возврат.